Како „Burberry“ го прегази сопствениот луксуз

Една фотографија од почетокот на 2002 успеа да направи нешто што ретко која рекламна (анти)кампања би можела: да го доведе во прашање идентитетот на еден од најпознатите британски луксузни брендови.

Се појави фотографија од жена облечена во Бурбери од глава до пети, сосе бебе, сосе количката на бебето - беше една експлозија од карирано и сликата стана вирална. Британските медиуми ја растргнаа, и не застанаа таму - одеднаш, Бурбери веќе не беше слика за тивок луксуз, туку симбол на нешто многу покомплицирано.

@alextwma

How one photo nearly destroyed Burberry.

♬ Ancient Mysteries - mirror image

Карираниот принт, со беж основа и тенки линии во црно, бело и црвено, со децении претставуваше дефиниција за британскиот луксуз. Почетоците се потивки -  во дваесеттите години на минатиот век, тој се појавува како внатрешна постава на тренч палтата, како нешто скриено, наменето само за оној што го носи. Значи, тивок потпис на квалитет, не нешто што треба да се покаже, туку нешто што се чувствува.

Потоа, во шеесеттите години, една едноставна идеја ја менува траекторијата: палтата во продавниците почнуваат да се прикажуваат отворени, за да се види внатрешната постава. Купувачите реагираат веднаш. Не сакаат повеќе скриен луксуз - сега им се покажува. Така, полека принтот излегува од внатрешноста и станува видлив знак дека некој вложил сериозни пари во стилот.

До осумдесеттите, Бурбери веќе не е само бренд, туку код - симбол што кажува каде припаѓаш, без да мораш да кажеш. И нормално, со видливоста полека почнува да ризикува да ја изгуби моќта. 

Во доцните деведесетти, брендот го прави чекорот што изгледа логичен, но ќе се покаже како пресврт: карираниот принт станува достапен за поширок пазар. Од овој период се сите тие капи, шалови, чадори - Бурбери ја прави финтата што се прави и денес - поситни и понебитни производи, пониски цени, поголем домет. 

Само што, неговиот луксуз веќе не е за одбрани луѓе, затоа што излегува на улица.

Резултатот е експлозија. Почетокот на 2000-ти носи масовна препознатливост, но и презаситеност. Лондон станува море од карирани чадори. Фалсификатите се шират насекаде. Принтот се појавува на сè што може да се замисли - од облека до предмети што никогаш не биле дел од луксузната приказна.

Тука се случува културниот пресврт: она што некогаш било знак за елитност почнува да се чита како негова спротивност. Брендот станува жртва на сопствената видливост. Дел од високата мода се повлекува, а имиџот се менува брзо, речиси без контрола.

Во тој момент, мора да дојде до принудно редефинирање.

Кога Кристофер Бејли го презема креативното водство, стратегијата е јасна: less is more. Карираниот принт се повлекува од центарот, станува редок, контролиран, повторно внимателно поставен. Масовните, евтини и премногу видливи парчиња исчезнуваат.

И парадоксот е целосен. Во моментот кога брендот најмногу се продава, тој ја губи својата луксузна вредност. А кога се повлекува и станува потежок за добивање - повторно ја враќа.

Сепак да не забораваме дека во светот на луксузот, најјаката валута не е производот и квалитетот, туку чувството дека не секој може да го има.

16 April 2026 - 00:00