- Во Тексас се трага по најмалку 23 девојчиња од летниот камп Мистик што бил збришан од надојдената река Гвадалупе.
- Надојдената река удрила врз реонот со многу летни кампови во 1.30 часот по полноќ. Мистик, со околу 750 девојчиња, бил веднаш до реката. Повеќето деца брзо биле префрлени на повисоки места и утрото биле евакуирани.
- Поројните дождови за само 45 минути го кренале нивото на реката над максималната граница.
- Поплавите во Тексас досега однесоа најмалку 24 човечки животи. Меѓу загинатите има и деца. Локалните власти објавија дека се спасени 237 луѓе што побарале помош, но немаат прецизна бројка колку луѓе се исчезнати.
- Домашен притвор му е одреден на возачот што со мотоцикл го усмрти скопјанецот Југослав Николовски кај Паркот на Франкофонијата на скопскиот кеј и побегна без да му укаже помош.
- Судијата не го уважи предлогот на обвинителството, кое бараше ефективен притвор за возачот, кој веќе беше во бегство. Обвинителството вложи жалба.
- Николовски беше прегазен на 1 јули на пешачка патека пред својот дом, кога излегол да фрли ѓубре.
- Обвинителството тврди дека 25-годишниот возач на мотоциклот немал дозвола, како малолетник бил осуден за насилство и за прекршување на здравствените прописи за време на пандемијата.
- Словенечкиот премиер Роберт Голоб побара одржување советодавен референдум за членството на неговата земја во НАТО. Владејачкото движење Слобода официјално ќе го достави предлогот идната недела.
- Ова е реакција на одлуката на Собранието, кое вчера усвои организирање референдум за зголемувањето на трошоците за одбрана, договорени во рамките на Алијансата. Референдумот ќе се одржи на есен, а прашањето ќе биде: „Дали поддржувате Словенија да ги зголеми трошоците за одбрана за да достигнат 3% од БДП во 2030 година, што е приближно 2,1 милијарди евра?“ Резултатот ќе биде консултативен.
- Голоб ја критикуваше како „бесцелна“ иницијативата за референдумот, предложена од опозициската левица.
- „Ние ќе предложиме референдум за членството на Словенија во НАТО. Тоа е вистинското прашање. Има само две можни патеки: или ќе останеме во Алијансата и ќе ја платиме членарината, или ќе ја напуштиме Алијансата. Сè друго е популистичка измама на граѓаните“, изјави премиерот Голоб.
- Министерот за одбрана Борут Сајовиц оцени дека се политизираат прашањата за безбедноста, но изрази надеж дека одлуката за зголемување на трошоците ќе добие поддршка од граѓаните.