
Британскиот премиер Кир Стармер се обидува да го спаси на Балканот својот план за депортирање азиланти во „трети“ земји откако Албанија ја отфрли таквата понуда. Стармер најави дека итно ќе почне разговори со уште неколку земји. Се тврди дека на списокот се Македонија, Србија и Босна и Херцеговина.
Стармер бара земји што би примиле дел од илјадниците мигранти што со моторни чамци нелегално преку Ламанш се префрлуваат во Британија. Годинава веќе пристигнале рекорден број од над 12.000, поради што мигрантскиот бран сега е главен проблем за јавноста.
Стармер отпатувал во Тирана за да ја приклучи Британија во договорот за прифаќање мигранти што Албанија веќе го има со Италија. Премиерот Еди Рама ја отфрли таквата можност.
Повеќе земји нè прашале дали сме отворени, но одговоривме не, бидејќи сме лојални на нашиот брак со Италија, изјави албанскиот премиер на прес-конференцијата по средбата.
Иако одбивањето е оценето како негово „фијаско“, Стармер тоа можеби го очекувал, бидејќи и пред реакцијата на Рама објави дека планира да ги вметне и Македонија и Црна Гора во групата за миграција, во која веќе се Албанија и Косово.
Стармер изјави дека пронаоѓањето „трета земја“ пред депортација нема да ја запре нелегалната имиграција. Целта е да се спречат оспорување на депортациите врз основа на административни процедури или формирање семејство.
Мерката ќе се применува на лицата што ги исцрпиле сите легални начини, но и понатаму настојуваат да останат во Британија со разни тактики, објави канцеларијата на премиерот.