На лезбејките одамна не им било олку лошо

Како родовата идеологија и квир-теоријата ја уназадија каузата за геј права.

Може ли маж да биде лезбејка? ОН тврдат дека лезбејките „имаат многу родови изрази, типови на тело и полови карактеристики“. Лезбејските барови, апликациите за лични контакти и настаните за запознавање често се очекува да бидат отворени за хетеросексуални мажи кои се идентификуваат како жени. Големи собири само за лезбејки за малку ќе беа принудени да примаат и мажи, ако Врховниот суд во Велика Британија пресудеше поинаку.

Новата книга на Џули Биндел, „Лезбејки: Каде сме сега?“ ја истражува оваа чудна војна против лезбејките на нашево време. Во поткаст со Брендан О‘Нил, а пренесен на Спајкд, вели дека на лезбејките им е лошо како што не им било со децении. Биндел „излегла“ во ‘70-те, кога била тинејџерка и тогаш не ни имала легални права. Не постоела дискриминација против лезбејки како концепт - можела да биде (и била) отпуштана од работа поради тоа и бркана од станови под кирија.

Потоа, нештата се подобриле, активистите промениле многу мислења во западниот свет, се бореле за закони што би ги направиле еднакви и никогаш не ги побарале правата на другите групи, само ги сакале и за себе.

Од моментот кога на универзитетите доаѓа квир-теоријата и почнуваат да се усвојуваат „луксузни уверувања“ од страна на луѓе со повеќе привилегија и слободно време, приматот го презема нарцизмот, а она за кое лезбејките и геј-мажите се бореа со години седнува на клупа.

Сега лезбејките особено се на дното од купчето идентитети, но Биндел смета дека мораат да се борат против бранот новопечена мизогинија што се движи кон нив. Геј-популацијата ги разбира, но другите не, затоа што,

„Тоа се квир идиоти со интересни бои на коса. Затоа одлучив дека книгата треба да ми биде за битка против нешто што се претвори во најголемиот напад против нашите права - подемот на родовата идеологија и либералите што ја усвоија, а со тоа нè фрлија под автобус.“

Пред судот претставиле концепт дека, доколку пресуди дека маж со документче е легално жена, а со тоа и лезбејка, комплетно би се избришала нивната сексуална ориентација. И се побуниле дека, според родовата идеологија, не е важно како изгледаш физички, или како се однесуваш - ако тврдиш дека си лезбејка - лезбејка си.

Спротивната страна неколку пати се сопнала на изразите „стекнат пол“ и „трансжена“ и видливо било дека губи, па Биндел сфатила дека лезбејките се тие што ќе ја однесат победата, затоа што токму во однос на нив се разоткрива најчудното, најорвеловско лудило околу целата тема.

15 May 2025 - 14:32