Се знае - златото е без конкуренција. Но, иако е контраинтуитивно, носителите на бронза, со полоши резултати од оние кои се закитиле со сребро, имаат тенденција да се радуваат повеќе по олимпискиот настап.
Ова го вели Андреа Луанграт, професор на Универзитетот во Ајова. Феноменот е прв пат анализиран во 1995, но таа и нејзините колеги сакале да ги реплицираат, односно по втор пат да ги тестират своите наоди.
Нивната теорија е дека спортистите од светска класа ги анализираат своите победи согласно поинакви стандарди на споредба. Добитниците на сребро се споредуваат со оние кои добиле злато. Тие мислат: „Можеби ако само направев нешто различно ќе можев да бидам на првото место“. Ова може да биде особено болно ако двете топ позиции ги дели разлика од милисекунда или мал број бодови.
Но бронзениот финалист се споредува со оној подолу. Тој или таа си велат - барем не сум на четврто место, односно барем имам медал на градите. Не сум оној кој од тука си заминува со празни раце.
Текстот е објавен под наслов „Контрафактичко мислење и изрази на лица помеѓу Олимписките носители на медали“, при што под „контрафактичко“ мислење се подразбира „што би било кога би било“. При анализата било користено автоматизирано кодирање на изразите на лицето како основа за проценка на расположението на олимписките спортисти, кои учествувале на последните пет Олимписки игри, почнувајќи од 2000. Софтверот можел да ја забележи разликата помеѓу некој кој се насмевнува со сила, за да го скрие сопственото разочарување и некој кој навистина се радува.
Често „сребрените“ доаѓаат на натпреварот сметајќи дека ќе постигнат повеќе отколку што навистина постигнуваат. А оние „бронзените“ најчесто постигнуваат повеќе од очекуваното. Ова е уште една можна причина за ентузијазмот.
Оваа година теоријата ја потврди тимот во женска гимнастика на Велика Британија кој освои медал по речиси цел век. Тие воопшто не го очекувале ова, бидејќи се пласирале како шести во квалификациите. И четирите гимнастичарки и тренерот биле екстатични од среќа. Од друга страна разочарувањето на носителите на сребрен медал, американските гимнастичарки, беше апла видливо. Тие очекуваа дека ќе доминираат, но загубија од рускиот тим, кој го освои златото.