Програмите за обнова на Амстердам по Втората светска војна и во 1960-тите зад себе оставиле куп „отпад“, од парчиња искорнати од куќите покрај познатите канали, преку декоративни орнаменти, до столбови со римски ознаки. Сега на жителите им се дава можност да станат сопственици на некои од овие артефакти, од кои најстарите датираат од 17 век.
Под мотото „она што за некого е ѓубре, за друг е богатство“, предметите изработени главно од камен се складирани со децении од страна на општината во 200 огромни палети во депо на тајна локација. Сега одделението за споменици и археологија на градот одлучило да се ослободи од нив, но не да ги пушти низводно по некој канал, туку да им ги подари на оние кои се заинтересирани за нив.
Во обид да се вдахне нов живот на стариот Амстердам, онлајн е поставен каталог со 190 камени споменици или делови од нив. Секој може да одбере нешто од она што е изложено и да се пријави како иден сопственик. Означен е и квалитетот на артефактот од „целосно сочуван“ до „ѓубре“. Некои од предметите одат во комплет со оригиналните архитектонски нацрти или црно-бели фотографии кои ја покажуваат нивната претходна употреба.
Сите предмети се понудени бесплатно, но за да се стане сопственик на оние повредните е потребно да се задоволат малку повисоки критериуми. Оние кои аплицираат треба, на пример, да изложат убедлива идеја за идната употреба на камењата. Потенцијални употреби вклучуваат уметники проекти или новоградби во кои тие би можеле да се искористат.
Повикот трае до крајот на ноември, а парчињата можат да се подигнат на пролет 2020 - со сопствен превоз.