Успешен книжарски крадец е осуден на 25 месеци затвор откако украл повеќе од 7000 книги од три универзитети во Шкотска и потоа ги продавал онлајн.
Се проценува дека 28-годишниот Дарен Бар од местото Кинрос во Пертшир (35 километри од Единбург) заработил над 30.000 евра со продавање на книги - главно скапи учебници - кои ги џапнал од блиските универзитети. Ниту една од нив не спаѓа во ретки изданија, но станува збор за такви кои им се потребни на студентите а се од областа на бизнис, маркетинг и - криминологија (таму изгледа не чуле за нашиот пронајдок - фотокопирани скрипти).
Како и во други криминални случаи и во овој сторителот го издала алчноста. Понесен од успешните акции, тој не испланирал дека студентите ќе си ги бараат книгите, па кога ќе сфатат дека не останал ниту еден примерок на полиците работата ќе стане сомнителна. Освен тоа, студентка која купила една од книгите онлајн според регистарските ознаки сфатила дека таа припаѓа на универзитетската библиотека. Додуша Бар на сите ставал лажен црвен печат дека се повлечени од употреба, но проверката покажала дека книгите се уште се водат како достапни.
Работата станала уште појасна кога онлајн продавачот WeBuyBooks потврдил дека купил стотици книги од еден ист човек, со иста банковна сметка. Ова го потврдиле и други онлајн книжари.
Сега Бар, кој е во притвор, се соочува со запленување на имот, постапка која според тамошните закони вообичаено се користи за дилери на дрога и крупни измамници.