Видеото е од 2015 и до сега има речиси 2 милиона и петстотини илјади прегледи. Насловот во оригинал е Rucni cepac drva, и во него и на содржинско, и на продукциско ниво не се случува ама баш ништо особено. Има еден голем железен лост со федер на кого е прикачено нешто што личи на секирче. И возрасен маж кој цели три минути, како во нем етнолошки филм, си цепи дрва со него. Повремено се слуша „цап-цап“ и паѓање на летвичките. Толку.
А сега ве покануваме да ѕирнете во коментарите:
„Конечно рачен цепач на дрва, ич нејќев да ги цепам со нозе“.
„Ова е до сега најглупиот изум што сум го видел“
„Тешко срање, непотребна направа“
„Ќе те прашам кога ќе си отфикариш прст“. Сличен коментар дури и на француски (можеби од дијаспората), ама со спомнување два прста!
"Just use a fking axe"...
...и така 90% од останатите 260 коментари. Му се нафрлија дури и на кроткиот жолт пес кој само ѕирка во кадарот при крајот на видеото.
Да беше некоја политичка тема, теории на заговор, вакцини, Трамп, родова еднаквост, вест за поскапување на струја, „бомби“, ќе сфатевме. Ама човек што ќутејќи цепи дрва? Стварно?
Ова само ни ја руши илузијата дека во некои за нас поскришни ќошиња на интернетов, со видеа со совети за користење алати и одржување тревници, садење хризантеми или цепење дрва за огрев, работите се посмирени. Само ете, нè одминуваат бидејќи не се наша „ниша“. Н’цки. Нервозата ќе си најде вентил, макар и на видео со тукушто родени мачиња. Што, мачки сте нашле да раните? Знаете дека може да фатите шуга? Море све тоа да се отруе!
А сега назад кон чичкото што цепи во тишина. Се надеваме дека нема интернет.