„Црно огледало" е одлична британска серија, која ја споредивме со „Зона на самракот" на дигиталната ера, со техно тину-нину во позадината (целиот осврт тука). Тоа „тину-нину" оддекна уште посилно и поморничаво кога една фиктивна приказна од првата епизода се поклопи со наводно реалната случка од животот и делото на Дејвид Камерон.
Во епизодата со наслов „Национална химна" фиктивниот британски премиер се соочува со шокантна дилема: киднаперот на принцезата Сузана (пример Кејт Мидлтон), омилена меѓу народот, од него бара во замена за нејзиниот живот тој да има секс на националната телевизија со - свиња! Иако на почетокот тоа изгледа крајно неприфатливо, премиерот немајќи други избор го прави незамисливото. Пред очите на милиони гледачи, во живо, со солзи во очите, цел час минува во „однос" со сиротото животно.
„Национална химна" беше премиерно прикажана на 4 декември 2011. Четири години подоцна од печат излезе „Викајте ме Дејв: неавторизирана биографија на Дејвид Камерон" од Мајкл Ашкрофт и Изабел Оакшот. Таа содржи обвинувања дека во текот на неговите факултетски денови, освен што пушел трева додека слушал Супертрамп и бркал жени, Камерон при некаков чуден ритуал за прием во факултетското братство ставил „интимен дел од неговата анатомија" во устата на (погодувате) - свиња. Овој пат не се работело за жртва во името на нацијата, туку за иницијациска церемонија на Универзитетот Оксфорд, кадешто студирал. Авторите наводно поседуваат и фотографија од настанот, но неа до сега никој не ја видел.
Делови од книгата пред официјалното појавување беа отпечатени, каде на друго место ако не во Дејли Мејл, и јавноста (нормално) се крена на нозе. Особено интересно беше што авторите на книгата, барем до тој момент, беа од иста со Камерон - Ашкрофт е бизнисмен и поранешен голем донатор на конзервативната партија, а Оакшот е политички уредник на Сандеј Тајмс, весник на конзервативците. Секако, голем дел од реакциите беа поврзани со спомнатата епизода од Црно огледало и „британскиот Нострадамус", авторот на серијата, Чарли Брукер.
„Срање, излегува дека Црното огледало е документарец", изјави тој на Твитер. Сепак, додаде дека приказната нема никаква врска со Камерон, дека и самиот е изненаден од коинциденцијата, и се надева дека приказните од другите епизоди (повеќето од нив пострашни од оваа) нема да се обвистинат. Сепак, не издржа да не го твитне ова - „веројатно најневизионерската реченица во целата серија"
Така #piggate, како што беше наречен скандалот, влезе во морето урбани легенди, кои сепак како да се конструираат врз основа на некаква шема. Кога секс со припадник/чка на човечкиот род не е доволно „уау", тогаш се прибегнува кон таков со нашите орвеловски пријатели од општествената фарма.
Финтата генерално е во одвлекување на вниманието на јавноста од суштинските прашања, фрлање „мртва мачка" на масата, што ги шокира присутните до тој степен што тие не можат да размислуваат за ништо друго. Во случајов мртвата мачка е свиња, и таа не се појавува прв пат во современата политичка митологија. Хантер С. Томпсон, опишувајќи ги финтите со кои се служат политичарите при нивните кампањи (кои тој ги опиша меѓу другото во „Страв и гадење: на пат со кампањата од 1972"), раскажува за таква местенка на Линдон Б. Џонсон, 36тиот американски претседател, кој сакал да изјави дека неговиот опонент имал мерак за „телесно осознавање на свињите на неговата фарма". Кога менаџерот на кампањата го советувал дека никој нема да поверува во ова, Џонсон кратко одговорил: „Ама да го натераме копилето да го негира!".