Во Тирана ќе се гради облакодер во форма на Скендербег

Со својот специфичен „орловски“ нос и големата брада, албанскиот национален херој, Скендербег, често е присутен на улиците и плоштадите на Албанија (а по него е именуван и плоштад во Скопје). Kралот-воин висок повеќе од два метри, борец против Отоманските Турци, е славен преку бројни споменици и рељефи. Во Тирана сега се гради облакодер во форма на неговиот лик. 

Ликот на Скендербег, и до сега често присутен низ Тирана, ќе го обележи главниот град на Албанија повеќе од кога и да е. Започната е конструкција на станбена зграда од 85 метри, во кои освен станови ќе има и деловни простори и продавници. Таа се наоѓа во центарот на Тирана, а е дизајнирана во облик на главата на Скендербег.

Дигиталните симулации на проектот прикажуваат аморфна бела зграда, со тераси кои кружат околу нејзината оска и формираат нешто што асоцира на цртите на лицето на Скендербег, моделирајќи го неговиот профил во бетон и стакло. Богатите идни жители ќе можат да гледаат од неговите очи, да живеат во неговите уши или да ручаат на крајот од неговиот нос. 

Проектот е дело на холандското архитектонско студио МВРДВ. За нив не е прв пат да проектираат, како што самите ги нарекуваат, „фигуративни скултптурални облици“. Според критичар на Гардијан, кој во деталниот текст се осврнува не само на естетските туку и на потенцијално коруптивните аспекти на целата приказна, oва делува како да ќе биде уште едно нивно промашување, по „катастрофалниот“ Марбл Арч рид во Лондон, поради кој паднал конзервативниот совет на локалната општина. Нивни претходни дела се и музеј во форма на огромни стриповски „облачиња“, магацин за уметнички дела во облик на чинија за салата од Икеа и комплекс апартмани во форма на зборот HOME (дом). „Сепак, изгледа дека тие ги чувале своите најбанални метафори за Балканот, веројатно претпоставувајќи дека помал број нивни клиенти и критичари некогаш ќе ја видат оваа зграда во живо“, заклучува тој. 

Локалните жители се шегуваат дека со оглед на тоа што Рама е исто така многу висок и крупен, има и брада и сè повеќе добива скендербеговски изглед, на крај зградата во облик на глава може повеќе ќе личи на него. 

15 август 2022 - 17:35