Епизода на подкастот Revisionist History на Малком Гладвел, за погрешно разбраните или маргинализирани историски настани, е посветен на група „иконокласти“ во областа на медицината, поточно за членови на нешто што тој го нарекува „опскурен клуб на виролози“. Лудвик Грос, Хауард Темин и Роберт Гало долго време биле сметани за „отпадници“ од страна на своите мејнстрим колеги. И тоа поради една нивна претпоставка, на која инсистирале со невидена упорност - дека постојат тумори предизвикани од вируси.
Најстар помеѓу нив бил Грос, роден 1904 во Полска во еврејско семејство. Избегал од земјата по нацистичката окупација и заминал во САД, каде служел во американската армија во текот на Втората светска војна. Потоа се придружил на тим научници во медицинскиот центар за ветерани во Бронкс, станувајќи директор на одделот за проучување на ракот. Тогаш конечно успеал да ја пресели „лабораторијата“ со глувци од гепекот на својот автомобил во нормална работна просторија.
Она што Грос го барал кај глувците бил доказ за постоење на вирус кој кај нив предизвикува леукемија, а кој би служел како модел за проучување на вирусите кои предизвикуваат рак кај луѓето. Но на научни конференции во 1950-тите, никој не сакал ни да седи до него. Сите мислеле дека е ненормален.
Всушност, неговите истражувања се надоврзувале на постари, од 1911. Тогаш млад доктор по име Френсис Пејтон Рус оформил истражувачки центар во Њујорк, денешниот Универзитет Рокфелер. Некоја жена од фарма вон градот дошла кај него и со себе донела кокошка со израсток на градите. Тоа било рак, саркома, кого Рус го отстранил, го вметнал во солен раствор и го вбризгал во здрави кокошки. Што се случило? Здравите кокошки го развиле истиот тумор.
Рус бил вчудоневиден. Ракот не требало да биде заразна болест, туку резултат на дефект на генетската машинерија во клетките - тој не би смеел да се пренесува од кокошка на кокошка (ни од човек на човек) како настинка. Но изгледа дека се случувало токму тоа.
Луѓето околу него никако не можеле да поверуваат во ова. Можеби туморот не бил рак? Може е ова само некоја чудна работа што се јавува само кај кокошки? Точно истото што неколку децении подоцна му се случувало на Грос, кого го сметале за откачен емигрант од Бронкс кој замислува вируси што предизвикуваат рак кај глувци. Грос конечно добил едно од највисоките признанија во медицината, наградата Ласкер, но дури во 1974, кога имал 70 години. Цената која очигледно треба да се плати ако си пред своето време.
По него следел Хауард Темин, кој привлекувал внимание секаде каде што се појавувал, не со својата физичка импозантност туку со брилијантниот ум и неуморност во работата. И тој се опседнал со кокошкиниот тумор кој Рус го открил пред 50 години. Прифатил позиција на виролог во онколошкиот оддел на Универзитетот во Висконсин која никој друг не ја сакал - вирусите не биле сметани за релевантни за ракот. Првата „канцеларија“ му била во подрум, до пумпата за греење.
Но сето тоа не било важно за Темин. Почнал интензивно да работи на саркомот на Рус и почнал да забележува куп аномалии. Вирусот не се однесувал како оној на обична настинка, кој влегува во клетката, и се мултиплицира додека имуниот систем не го исфрли. Саркомата изгледала како да ги освојува клетките, пренесувајќи ја сопствената генетска информација во ДНК на домаќинот.
Ова, со оглед на тогаш централната догма на генетиката, изгледало сулудо. Според неа вирусот на саркома, кој бил РНК вирус, никако не можел да вметнува инструкции во ДНК на клектите кои ги инфицира. „Животниот стил“ на повеќето вируси бил познат, и ниту еден од нив не вклучувал ваква можност. Она што останувало е - дека централната догма е погрешна.
Темин поминал 10 години од својата кариера и живот за да ги убеди колегите во ова. Дури му пишал и на славниот сер Френсис Крик, практично авторот на централната догма за која добил и Нобелова. Овој му одговорил со арогантно писмо: „Сигурен сум дека мислите дека ова е вистина, но исто така сум сигурен дека сфаќате колку грешите“.
Ова имало огромно влијание врз социјалниот и научниот статус на Темин и неговите соработници. Истражувачите од одредена област се во постојан контакт, но тие не споделуваат само научни информации, туку и оговараат, се натпреваруваат за фондови, се борат за најдобрите студенти. Кога ќе кажеш нешто спротивно од мејнстримот, тоа има последици. Колку што овој процес се одолговлекува, толку последиците се поголеми.
Во случајот со Темин ова траело со години. Но еден ден тој конечно дошол до доказ - мал ензим во оддалечен агол на оваа чудна класа РНК вируси кој служи како „преведувач“, преку кој вирусот ги пренесува своите генетски информации во клетките кои ги инфицира. Сега овие вируси добиле и име - ретровируси, поради нивната способност да функционираат „ретро“, односно обратно.
Во 1970 Темин и негов колега кој дошол до откритието на спомнатиот ензим речиси истовремено, заедно објавиле револуционерна серија статии во престижното списание Nature. Пет години подоцна им била доделена Нобеловата награда. Темин на доделувањето во Стокхолм, меѓу другото го спомнал своето разочарување од фактот што и покрај докажаната врска помеѓу ракот и пушењето, голем број луѓе се уште пушат. И тоа додека во првиот ред, точно пред него, цигара тегнеле шведскиот крал и неговата сопруга. Всушност голем број гости на церемонијата биле со цигара в рака. Биле шокирани од изјавата на Темин, и почнале еден по еден да ги гасат.
Третиот значаен член на ова трио е единствениот кој во моментов е се уште жив. Боб Гало во времето кога Темин ја добил Нобеловата бил во раните 30-ти. Но една случајна средба помеѓу нив на улиците на Париз довело до соработка и последователно откривање на врската помеѓу спомнатите ретровируси и вирусот на ХИВ-Сида. Во 1980, на самиот почеток на истражувањето на проблемот, водечкото научно списание Journal of Virology му го испратил следново писмо на Гало, откако тој се обидел да ги сподели своите сознанија:
„Почитуван Боб, жалиме што твојата статија не е прифатлива за објавување. Нема поента во продолжување на контроверзите во врска со претпоставената вирусна природа на овој материјал“.
Гало подоцна станал најцитираниот научник во светот за периодот 1980-1990, и бил рангиран на третото место според научното влијание. Како ко-откривач на ХИВ објавил над 1300 статии. Но сето тоа затоа што, како и другите членови на необичниот клуб на виролози, не се откажал кога другите превртувале со очи слушајќи ги неговите теории или плашејќи се да бидат видени во негово друштво.
Целата епизода (40 мин) тука