Веста гласи вака: Мајкл Данахер од источна Англија, 50, го нападнал и го убил Адријан Гринвуд, 42, близу домот на жртвата на 6 април, планирајќи да му украде ретко прво издание на „Ветар во врбите“ (славен детски роман прв пат објавен во 1908). Како Данахер знаел дека Гринвуд поседува вакво мало богатство? Па овој сам ја огласил книгата на eBay, со цена од 50 илјади фунти.
Тој не бил единствениот на списокот за „отстрел“ на Данахер, но сите биле славни личности или богати бизнисмени, меѓу кои и Сајмон Коувел и Кејт Мос. Планот бил тие да бидат ограбени или киднапирани, ама во случајот со Гринвуд работата излегла од контрола, па тој завршил со 33 убодни рани. Наодот на патологот е дека имало и траги на малтретирање, најверојатно како резултат на испрашување каде се наоѓа споменатата книга.
(огласот на интернет за продажба на книгата)
Данахер признал дека го убил дилерот на книги, но изјавил дека било во самоодбрана - одеднаш бил нападнат со нож кога бил во посета за да купи од поевтините изданија. Дека тоа не било баш така покажуваат не само раните на телото на жртвата, туку и фактот дека во лаптопот на Данахер полицијата пронашла Ексел таблица (повторуваме: Ексел таблица) со имињата, податоците и начинот на кој ќе им бидат одземени вредни предмети на жртвите. Покрај името на Гринвуд, под „очекуван плен“ пишувало „ретки книги“, а под „начин“: „каков и да е“.
Откако било извршено убиството, Данахер најпрвин си направил селфи (од кое ќе ве поштедиме), ја зел копијата од „Ветар во врбите“, ја однел дома и му ја дал да ја прочита на син му. Веднаш потоа самиот ја огласил на и-беј.