JCDecaux, „број 1 компанија за надворешно рекламирање во светот", како што самата се нарекува, се обидува да ги трансформира урбаните пејсажи, постојано смислувајќи креативни можности за рекламирање на нејзините клиенти. Особено е позната по системите на рекламирање на автобуски и железнички станици, каде секојдневно минуваат (и дремат чекајќи) бројни патници, кои често зјапаат во празно или во дисплеите со возен ред. Кога е веќе така, зошто да не им се понуди нешто ем забавно, ем образовно?
@RailBоokClub е твитер сметка која е активна околу два месеци и денес има скоро 2,000 следачи, кои разменуваат впечатоци за книги или учествуваат во наградни игри, како на пример раскажување на омилениот роман во твит, за која може да се добие ваучер за книга. Но најинтересното е што акаунтот можете да го следите на големи екрани на железничките станици низ Британија. Истражувањата покажале дека патниците со железница (барем во Британија) ги сакаат книгите, и голем број од нив читаат во текот на патувањата, така што информациите пренесени преку овој твитер клуб можат да им бидат корисни токму ним.
Во иднина на истите екрани се планира и објавување дневни извадоци од книги, не само како реклама за истите, туку и начин нивната содржина да се приближи кон што повеќе читатели.