Топ книги на тема лажни вести

Живееме во доба на лажни вести, но манипулациите во оваа област не се нови, исто како и обидите да се опише, анализира и предвиди нивното влијание врз политичкиот живот. Покрај антологиската „1984“, еве уште неколку книги кои тоа го правеле многу пред времето на интернет.

„Пропаганда“ од Едвард Бернејс (1928)

Книгата се занимава со две за тоа време радикални идеи: дека постои „невидлива влада“ која манипулира како размислуваат милиони Американци, и дека тоа не мора да е лоша работа. Бернејс ги поттикнувал своите читатели да мислат на пропагандата во најширока смисла, така за таа да ги вклучува и рекламите и проповедите, како и политичките пораки. Таа има фројдовски пристап кон лажните вести (ништо чудно со оглед на тоа што Фројд му бил вујко на авторот), односно предвид ги зема нашите скриени стравови и желби поради кои им веруваме на нешта кои се очигледно невистинити.

„Пропаганда во следната војна“ од Сидни Роџерсон (1938)

На моменти оваа книга изгледа како водич за мрачната вештина на скриената пропаганда. „Никогаш не кажувај лага“, почнува Робертсон, „ако можеш да го одбегнеш тоа“. По нејзиното објавување, американските политичари кои биле против учество во Втората светска војна ја нападнале книгата како доказ дека перфидните Британци се обидуваат да ја вовлечат земјата во уште еден судир. Помеѓу нив бил пратеникот Џералд Нај, кој зборувал против книгата во Сенатот. Но тогаш малкумина знаеле дека Нај всушност работи во корист на наци камапања и дека германските пропагандисти ќе дистрибуираат копии од говорот на сенаторот на стотици илјади Американци, сето тоа со пари од нивните даноци.

„Радиодифузна хистерија“ од Бред Шварц (2015)

Опис на најпознатата измама на 20 век - радио драматизацијата на Орсон Велс од 1938 на „Војна на световите“ која наводно предизвикала паника од инвазија на вонземјани. Според авторот целата приказна е малку напумпана, но факт е дека по емитувањето на емисијата се покренало прашањето за капацитетот на радиото како медиум за субверзија и лажни вести. Се смета дека со оваа драматизација на Велс завршило „златното доба“ на радиото, по што милиони луѓе почнале да се сомневаат во однос на она што го слушаат на радио-брановите.

„Британска разузнавачка координација“ од Роалд Дал, Џилберт Хиџет и други (1998)

Книга кој никогаш не била наменета за објавување - таа е всушност инсајдерски приказ на британска тајна кампања во САД за време на Втората светска војна. Требало да биде прочитана само од неколкумина службеници кои имале дозвола за пристап до документите. Полна е со откритија, но истовремено и со грешки и претерувања - книга за дезинформации полна со...дезинформации.

„Сајбервојна“ од Кетлин Хол Џејмисон

Иако влијанието на руската кампања врз американската претседателска трка од 2016 не може прецизно да се измери, оваа детална студија од познат политички комуниколог е веројатно најдобрата анализа која постои на темата. Нејзината теорија е дека со оглед на тесната маргина во резултатите, Русите се заслужни (виновни) за тоа што Трамп победи на крај.

„Заговорот против Америка“ од Филип Рот (2004)

Овој роман не е очигледно за лажни вести, туку е интимна автобиографска книга за детството на Рот и преживеаниот антисемитизам. Но истовремено тоа е алтернативна историја на САД во кој еден расист - Чарлс Линдберг во 1940 - станува претседател на САД и земјата станува уште поподелена и ксенофобична. Ова му е овозможено главно заради манипулативното користење на медиумите.

„Лаги употребени како оружје: како да се мисли критички во ерата на пост-вистина“ од Даниел Џ. Левитин

Книга на невроначуник и когнитивен психолог за тоа како да се одбраниме од лажните вести - со критичко мислење и себеинформирање за начините на можна манипулација. Притоа треба да се земат предвид и ограничувањата за она што можеме, а што не можеме да го знаеме, и нашата подложност на различни влијанија, од магиско мислење до теории на заговор. Ова е меѓу ретките книги која не зборува за употребата и влијанието на невистините, туку за тоа како да им се пружи отпор.

извор

6 септември 2019 - 08:35