Во време кога политичките вести сè почесто наликуваат на хроника на катастрофи, а разговорите за општеството и политиката дури и меѓу блиски луѓе завршуваат со недоразбирања и расправии, лесно е сопствената вознемиреност да ја протолкуваме како замор, прегореност или потреба да се исклучиме од светот. Но научната комуникаторка Ребека Левандовски на сајтот Психе предлага поинакво толкување: можеби не сме само уморни, туку тагуваме. Таа состојба ја нарекува „граѓанска тага“ – болка што се појавува кога вредностите во кои сме верувале, како праведноста, достоинството, солидарноста и заедничката одговорност, почнуваат да се распаѓаат пред нашите очи. Тоа е тага по вербата дека другите граѓани, институциите и општеството во целина сепак препознаваат некаква основна пристојност и чувство за правично.
Таа ја споредува граѓанската тага со познатите фази на тагувањето: негирање, лутина, преговарање, депресија и прифаќање. Најнапред се обидуваме да се убедиме дека нештата не се толку лоши, дека демократијата преживеала и потешки кризи и дека институциите на крајот ќе се покажат доволно силни. Историјата ја користиме како средство за смирување, надевајќи се дека нарушената рамнотежа сама ќе се воспостави. Кога оваа одбрана ќе попушти, доаѓа лутината. Таа бара виновници – корумпирани политичари, медиуми, елити или рамнодушни сограѓани. Социјалните мрежи дополнително ја засилуваат, бидејќи бесот лесно привлекува внимание и создава привид на политичка ангажираност. Но гневот, колку и да е оправдан, не е исто што и дејствувањето: постојаното негодување може да нè исцрпи без да промени нешто.
Потоа следува преговарањето, односно надежта дека постои едноставно решение: ако подобро ги образуваме младите, ако повеќе луѓе гласаат, ако почнеме да разговараме со оние што мислат поинаку, работите повторно ќе се вратат во нормала. Оваа надеж е благородна, но може да биде и заблуда, бидејќи претпоставува дека старата нормалност била доволно добра и дека само треба да ја обновиме. По неа може да дојде повлекувањето – граѓанската депресија. Луѓето престануваат да веруваат дека нивниот глас има значење, дека изборите нешто менуваат или дека јавната расправа може да донесе резултат. Не се повлекуваат нужно затоа што не им е грижа, туку затоа што веќе немаат сила постојано да се разочаруваат. Во таа фаза се појавува и најнепријатното прашање: што ако системот не е расипан, туку функционира токму онака како што е замислен?
Излегувањето од граѓанската тага, според Левандовски, не подразбира враќање во носталгијата по некое подобро минато, туку создавање поинаква иднина. Надежта станува вистинска дури кога ќе престане да биде само чувство и ќе се претвори во навика и дејствување. Тоа може да почне од нешто мало и блиско: училиште, маалска заедница, библиотека, еколошка иницијатива или локална организација. Можеби најважната порака на концептот „граѓанска тага“ е дека болката по изгубените вредности не е знак на слабост или рамнодушност, туку доказ дека сè уште ни е грижа. А тоа е неопходниот почеток за да се обидеме повторно да ги изградиме.