Судењето на Вангелис за плагијат

Грчкиот композитор Вангелис почина на 79 години. Оние кои се простуваат од него го нарекуваат „колос на модерната музика“ и „композитор кој промени една цела ера“. Но еден негов колега не мислел така - го обвинил за кражба на мелодија токму за неговата најпозната филмска тема.

„Огнени кочии“ е инструментална тема на Вангелис од саундтракот за истоимениот филм од 1981. Нема шанси да не сте ја слушнале, затоа што со децении е користена за шпици на телевизиски програми и спортски настани. Всушност темата на филмот е спортска - заснована е на вистинска приказна за двајца британски атлети на Олимпијадата од 1924 во Париз. Филмот беше номиниран за седум Оскари и доби четири, вклучително и за најдобра филмска тема. Насловот на филмот кој подоцна стана и наслов на мелодијата е инспириран од стихот „Донеси ми ја мојата огнена кочија“ од песната „Ерусалим“ на Вилијам Блејк.

Дел од оваа славна мелодија во 1987 стана предмет на судски спор. Ставрос Логаридес го тужеше својот колега и дотогашен пријател дека ја украл главната тема за „Огнени кочии“ од негова песна „Град на љубичици“ која ја напишал во 1975 за грчка телевизиска серија. Тој не тужел порано затоа што наводно „ја имал заборавено“ сопствената композиција. 33-годишниот Логаридес пред судот изјавил дека веројатно не би се ни сетил на неа, да не бил некој ТВ продуцент кој му укажал на сличноста.

Обете дела биле пуштени во судницата, а судијата сер Џон Витфорд од лондонскиот суд седел во својата одора опкружен со синтисајзери, миксети и друга опрема. Вангелис тврдел дека пред да ја компонира мелодијата никогаш ја немал слушнато таа на Логаридес, а пред судијата демонстрирал дека секвенцата за чијашто кражба бил обвинет (а која се состои од четири ноти F-G-A-G) е прилично честа во музиката, а истата претходно била искористена и во песната „Разбуди се“ на бендот на Вангелис „Афродајтс чајлд“ (направена пред „Градот на љубичиците“).

Продуцентската куќа ЕМИ која ги застапувала интересите на Логаридес барала Вангелис да им ги предаде сите снимки и нотни записи за мелодијата и да исплати отштета. На крајот на 12-дневното заседавање, 73-годишниот судија пресудил во корист на Вангелис. После бројни преслушувања на обете песни изјавил дека „ќе му се вртат во глава до смрт“.

Пресудете сами:

20 мај 2022 - 09:12