Стриповите на Гери Ларсон конечно се онлајн

25 години откако се пензионираше, Ларсон посвети огромна енергија на тоа дали некој ќе му ги скенира стриповите и ќе ги стави на интернет. Конечно реши да оди по онаа - ако не можеш да ги победиш, придружи им се. 

Поминаа неверојатни 40 години откако започна, и 25 години од моментот кога заврши брилијантната серија еднопанелни стрипови на Ларсон под името „Далечната страна“ (The Far Side), која беше објавувана во 1,900 весници. Неговите 23 книги кои ги вклучуваат се имаат продадено во повеќе од 45 милиони примероци. Беше крајно време да се појават и на интернет.

Со прекрасна луцидност и често надреален хумор, Гери Ларсон, или попознат како „оној со кравите“ (заради честа персонификација на луѓето со крави, говеда и други животни; или обратно - антропоморфно прикажување на животните) е почитуван како еден од најјаките карикатуристи на денешнината. За жал, по неговиот огромен успех со серијата The Far Side, на само 44 години, тој самоиницијативно се пензионираше, за како што самиот изјави да не заврши „на гробиштата на осредните“. И претходно, но особено од тој момент, тој се повлече од јавноста и одбива интервјуа, сликања и да се појавува на телевизија.

Сега, Ларсон, кој беше познат по крајната резервираност кон интернет, и острите реакции кога некој ќе се обидеше да скенира негов стрип, конечно се појавува онлајн. Во писмо до своите фанови на новиот сајт  тој ги објаснува причините за неговите претходни ставови, како и зошто го променил мислењето. Главно, се исцрпил од постојаните обиди да воспостави некаква контрола врз сопственото творештво, со мејлови, закани со суд, повикување на авторски права. Сега тој вели: „Кој и да си, нека овој сајт биде место каде ќе застанеш да се насмееш или да се закикотиш“.

Уживајте во збирките и во до сега необјавените скици тука

19 декември 2019 - 09:34