Како да не беше доволно сето она што трилогијата на Е. Л. Џејмс го направи за разводнување на инаку благородниот жанр на еротиката во литературата, сега американските и британските издавачи, сакајќи да го догребат дното од тенџерето на нејзината популарност, воведуваат нов жанр - еротика за тинејџери.
The Vincent Boys на Еби Глајнс и Nightshade на Андреа Кремер се првите два вакви романа во Америка, а Британците на нив одговараат со Irresistible, првенец на Лиз Бенкс за 16-годишна двојка распната помеѓу грижливиот Ден и богатиот, лош дечко Џејмс.
„Воздивнувам додека слатката екслозија се шири од моето меѓуножје па низ целото тело, пред неговите усни да ги пронајдат моите" - добредојдовте во светот на панданот на љубовните романчиња што едно време се продаваа по трафики, а кои сега се закануваат да станат најчитаните книжевни дела на младата генерација.
Дури и во принцип реномирани издавачи не одолеваат на потенцијалните комерцијални ефекти на објавувањето на вакви книги, па така Сајмон и Шустер веќе ги откупиле правата за неколку наслови на Глајнс. „Мора да постои начин и ние да направиме успешен жанр", велат тие, „без графички опис на секс, туку со акцент на страстите".
Секако, и претходно имало обиди за пишување романи на оваа тема. Така во 1975. е објавена „Засекогаш" на Џуд Блум, која отворено се занимавала со сексуалноста на тинејџерите и заради тоа била забранета во голем број училишта. А токму училиштата, колеџите и факултетите се локации на „врелите романси" во овие романи, чија целна група е младината која ги доживува првите сексуални копнежи. И која богами, барем според филмови како српскиот „Клип“, ги доживува и нивните остварувања, без потреба од теориска поткрепа.
„Некои од родителите ќе гледаат со неодобрување на тоа нивната 14-годишна ќерка да ја чита оваа литература, но голем број девојки на оваа возраст се со префинет вкус. Треба да им дадеме нешто со што можат да се поистоветат, за да не ги читаат „50 нијанси" или Џеки Колинс", вели Бренда Гарднер, менаџер во Пикадили Прес, издавач на еден од гореспомнатите романи. Да де, зошто да ја читаат Љубовникот на Леди Четерли, Фани Хил или Лолита, кога можат нешто „стими".