Мешавина од Дипеш Мод, Фела Кути и Џорџо Мородер - вака ја опишуваат музиката на Вилијам Онјебор, нигеријски музичар кој во периодот помеѓу 1978 и 1985 самиот компонирал, продуцирал и издал осум албуми. И потоа - исчезнал.
Кога по смртта на Фела Кути, пионер на афро-битот и исто така од Нигерија, Западот почнал повеќе да се интересира за современата африканска музика, името на Онјебор искрснало, најпрвин срамежливо, за потоа да се појави на корица на цел албум, компилација составена и издадена од Луака Боп, дискографската етикета на Дејвид Брн. Инспириран од целата мистерија околу човеков, еден од синовите на Стинг, Џејк Самнер, снима получасовен документарец за потрагата по Онјебор во неговата родна земја.
Иако ја нема емотивната нишка на филмот на слична тема, „Барајќи го Шугармен", и во овој има добри моменти. Во изјавите на поранешните соработници и пријатели на Онјебор се насетува дека човеков во некој момент во животот откачил, но и дека оние кои го опкружуваат само ја засилуваат мистичноста на неговите лик и дело. Една од почудните приказни е дека тој на времето бил спонзориран од руски комунисти и дека неколку пати бил во Русија за да снима филмови. Патувал и до Њујорк и низ Европа, главно посетувајќи фабрики за производство на плочи, за да го испече занаетот. Но сега, триесетина години подоцна, тој е сосема изолиран, посветен на Бога во неговиот дом во местото Енугу, на кој стои натпис God is King Palace, и во кој централно место има синтисајзер, но кој сега се користи само на верските служби.
Прв кој по пет години телефонски преговори успеал лично да се сретне со него бил Ерик Велс-Нистром, менаџерот на Луака Боп, кој ја опишува средбата како „сцена од романите на Греам Грин". Со раст на џин, музичаров јадел еднаш дневно но како за пет души, а рачниот часовник кој му бил донесен на подарок едноставно бил мал за неговата рака. И покрај инсистирањето, тој не бил заинтересиран да присуствува на концертите во негова чест, од кој првиот беше одржан на 1. април во лондонски Барбикан, а кои ќе продолжат и на американско тло. „Сега не е добро време", рекол, „но кога ќе дојдам, сакам да се борам во ринг со Халк Хоган".
Да не ви раскажуваме премногу, еве го филмот, и плејлиста на најдоброто од музиката на овој чудак, која е баш весела и за шизење.
Плејлистата