Средовековната мајка што го подучуваше синот на далечина

Мајка сте од деветиот век, а синот-тинејџер ви е киднапиран од политичкиот ривал на вашиот сопруг. Оддалечени сте со километри. Нема интернет. Но сакате вашето дете да добие добро образование. Што ќе сторите?

Нејзиното име било Дуода, војвотка од Септиманија (западниот дел од некогашната римска провинција Галија, денешна јужна Франција). Историскиот момент е прилично бурен - 9 век, во она што некогаш било империја на Карло Велики, а сега мета на неговите наследници. Нејзиниот сопруг, Бернард, бил роднина на некогашниот крал, и оттаму вклучен во овие превирања. Сопружниците главно живееле одделно, таа во Уз во долината на Рајна, а тој на дворот во Ахен. Нивниот прв син, Вилијам од Септиманија се родил на 29 ноември 826, но на 15 години бил киднапиран и држен на дворот на Шарл Втори (или Шарл Ќелавиот), ривал на Бернард. Речиси истовремено од мајката бил одземен и вториот син, уште бебе, и однесен кај таткото.

Мајка ко мајка, социјално изолирана и во постојан страв и за својот и за животот на своите деца, таа одбрала за тоа време необичен начин да остане во контакт барем со постарото - му напишала книга. Liber Manualis е прирачник кој ја содржи нејзината мудрост, која на овој начин, „на далечина“, таа сака да му ја пренесе на својот син.

Книгата се состои од 73 поглавја, вовед и заклучок. Полна е со морални насоки кои би требало да му помогнат на синот да се снајде во комплицираниот свет на феудална Европа. Содржи и бројни цитати и алузии на Светото писмо, но и на референци на световни писатели, иако тие често се неточни а латинскиот не е баш-баш. Помеѓу насловите на поглавјата се издвојуваат „Социјалниот поредок и световниот успех“, „Како да се молиш и за кого“, „Толкување на броеви“, „За авторот“ итн.

Како историски документ книгата има голема вредност - таа е една од ретките напишани од жена од овој период. Второ, содржи детали за начинот на живот на аристократијата, и особено за видот на образование кое тие го добивале: ред религија, ред математика, па пак псалми и религија. Но и сосема практични совети за преживување во турбулентниот свет, како „Прилагоди се и на мажи со повисоко потекло, и на оние под тебе“. Иако се обидува да запази формален тон, Дуода на моменти е навјасана од чувства и се обидува да спречи и грешни мисли и телесни страсти, на кои синот можат да го натераат не само лоши жени туку и „ласцивни придружници“. Идеалот на Дуода било Вилијам или да остане девец, или да си се држи до „врската на брачниот кревет“. Што се однесува до зачувувањето на здравјето, мајчиниот совет и не е баш корисен и се состои во - молитви.

На крајот мајката го известува синот и за некои побанални детали, како фактот дека има позајмено многу пари „не само од христијани туку и од Евреи“ (ова се случува во свет без банки). И бара од него, доколку таа умре, да ги плати за неа, како секој добар син.

Но Вилијам не го сторил тоа. Не ги послушал нејзините совети, да биде добар вазал на своите нови господари, и бил убиен во тек на бунт против Шарл Втори, седум години откако ја добил нејзината книга. Како и голем број други обиди за родителско подучување, и ова не било баш успешно.

извор

22 септември 2020 - 09:16