Мемоари на Аи Веивеи
Издавачот The Bodley Head ја најави автобиографијата на контроверзниот кинески уметник Аи Веивеи како „исклучителна историја на Кина во изминатите сто години" раскажана и преку животната приказна на уметникот, но и онаа на неговиот татко, поетот Аи Куинг. Тој отпрвин бил близок пријател со Мао Цетунг, но подоцна бил обвинет за десничарство и осуден на тешка физичка работа во пустината Гоби. Книгата ќе биде објавена пролетта 2017.
Нова книга на Варуфакис
Истиот издавач обелодени дека во април 2016 на англиски ќе излезе „Слабите страдаат затоа што мораат?" на поранешниот министер за финансии на Грција, Варуфакис, во која тој тврди дека политиката на штедење е закана за глобалната економија, истовремено опишувајќи ја неговата улога во преговорите на Грција за регулирање на нејзиниот долг.
Автобиографија на Фил Колинс
Славниот музичар во Франкфурт изјави дека склучил договор со издавачот Century за да ја раскаже неговата приказна, со сите подеми и падови во инаку долгата кариера. Насловот на книгата е прилично необичен - „Брадавици и друго“ (Warts and all).
Бојкотот на саемот oд страна на Иран
Откако Здружението на германски издавачи и книжари објави дека на отварањето на саемот ќе го покани Салман Ружди да одржи говор на тема „Значењето на слободата на изразување за писателите и издавачката индустрија", Здружението на издавачи на Иран побара организаторите да го откажат настапот на нивниот традиционално неомилен автор, заканувајќи се со бојкот. И покрај тоа што Германците објаснија дека Ружди ќе биде присутен заради промоција на неговата нова книга, а дека настанот ќе се одржи вон просториите на саемот, во хотел во близината, Иранското министерство за култура се одлучи да не испрати делегација во Франкфурт.
Околу 10 ирански издавачи сепак ќе учествуваат, поттикнати од ставот на организаторите дека и покрај тоа што жалат заради откажувањето, саемот го сметаат за место на дијалог, кој не смее да биде доведен во прашање.