На 04.09.2017 (понеделник) во 18 часот во кафе-барот Цреша ќе се одржи промоција на книгата „Сè пројде: Југославија во спомените на луѓето од Македонија“. Се работи за збирка интервјуа правени од страна на студенти на Институтот за етнологија и антропологија со луѓе од различни возрасти, етничка припадност, професии и место на живеење, во врска со нивните спомени и чувства за некогашна Југославија.
Опсегот на теми кои притоа се допираат е широк - од статусот на жените во социјализмот, развојот и улогата на спортот, различните занаети, животот во старата Скопска чаршија, забавата на младите особено во помалите места во Македонија, новинарската и преведувачката работа. Секој соговорник има своја перспектива за тоа што претставувала некогашната држава и свои искуства во врска со неа, кои не се секогаш носталгични.
Целта на изданието, кое е дел од поширок проект за регистрирање на усни истории, е да се прикаже оваа разновидност на гледишта како алтернативна историја во однос на онаа „официјалната“.
Гостите се поканети да донесат и предмети кои асоцираат на Југославија, кои ќе бидат изложени во текот на промоцијата. Промотор на изданието ќе биде Свето Серафимов, најстариот новинар и преведувач во Македонија, долгогодишен дописник на „Нова Македонија“ од Африка и Блискиот исток, како и преведувач на 102 книги главно од англиското јазично подрачје на македонски, меѓу кои „Улис“, „Ајванхо“ и „Оливер Твист“.
Изданието е тријазично - на македонски, албански и англиски, а неговото објавување е резултат на соработка на Институтот за етнологија и антропологија при УКИМ, организацијата Форум цивилен мирен сервис (форумЗФД) и Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК).