На книжевниот сајт booksa.hr наидовме на интересно писмо кое некој уредник наводно му го испратил на Артур Шопенхауер, одбивајќи да ја објави неговата „Светот како волја и претстава". Како извор се цитира блог на извесен Пол Сагар, Philosophers Rejected, чиe мото е „затоа што тоа на сите ни се случува". Писмото почнува вака:
„Драги г-дин Шопенхауер, Ви благодарам за тоа што ни го испративте вашиот ракопис во едицијата Студии на идеализмот. Тоа е живо и интересно дело, кое внесува импресивна свежина во досегашното знаење, и волја која е за пофалба, да се земат предвид и незападните пристапи. Сепак..".
Писмото продолжува со детално коментирање и деконструирање на најзначајните постулати на филозофијата на славниот филозоф, но не без иронија: „Велите дека цвеќињата се убави бидејќи тие почнуваат да постојат само преку нашиот поглед врз нив. Како тогаш го објаснувате кучешкиот измет, бубашвабите и Французите? Исто така велите дека сликите треба да евоцираат спокој, затоа што убавината е привремено замолчување на вечниот копнеж на Волјата. Ако е така, тогаш слики од храна мора да бидат забранети, бидејќи тие ја поттикнуваат желбата. И нели е тогаш подобро да се гледа во слики по вечера? (Гледањето на класични актови секако е посложено прашање)".
Хм..како што и претпоставивме, блогот на Сагар е всушност сатиричен, а „писмата" негови хумористични (но и прилично упатени) реакции на најголемите дела во историјата на филозофијата (тука на пример одбивањето на „Расправите" на Макијавели).
Сепак писмото е шармантно, особено неговиот крај каде уредникот му го советува следното на инаку ригидниот Шопенхауер, кој важел за мизантроп, и живеел со децении само со две кучиња.
„Во животот постојат и други работи освен филозофијата. Но иронично, уживајќи во другите негови волшепства, човек на крај станува подобар филозоф. Слушнав дека живеете во хотелски соби и дека секогаш сам вечерате по ресторани. Можам ли да ви предложам малку да излезете и да пронајдете некое свое место? Забавувајте се во друштвото на вашите колеги; уживајте во музиката како во општествено искуство! Мoжеби ќе откриете дека животот сепак не е толку лош: дека истрајната Волја може да биде смирена. И обидете се да запознаете некои жени (но не оние кои наплаќаат, одењето по тој пат може да ве однесе до болница). Кој знае, можеби ќе се покаже дека тие не се толку лоши колку што мислите".
Шопенхауер инаку во младоста бил во врска со оперската пејачка Каролин Рихтер, но пред веридбата ѝ раскинал, со зборовите: „Бракот значи дека човек има двојно помалку права, а двојно повеќе обврски". Не дека не бил во право.