„Цртај на овој сајт“ е токму тоа - сајт кој му овозможува на секого со пристап до интернет и малку фантазија да придонесе со сопствен цртеж на големиот „ѕид“ или да се надоврзe на нечиј друг. Нешто како асфалт во маало на кој се црта со креди со другите деца. Со тоа што повеќето од луѓето кои доаѓаат на сајтот се возрасни.
Но овој проект го издвојуваме не само затоа што е една фина идеја, туку и како илустрација за тоа како обидите интернет да се направи малку поубаво место за дружење за само 24 часа почнуваат да се извитоперуваат. Отворен на 22 октомври, сајтот веќе на 23-ти почна да го наплаќа „мастилото“, односно можноста да се црта. Симболичната сума е повеќе заштита од оние кои наидувајќи на бесплатен форум за искажување на своите креативни идеи почнале да цртаат и пишуваат глупости, кои администраторите сакале-нејќеле требало да ги бришат. Во моментов корисниците можат да изберат од трите бои кои стојат на располагање - сина, портокалова и зелена - и да платат 99 центи за да ги користат.
Сајтот е и одлична илустрација за феноменот Time to Dick - времето потребно за некој корисник на онлајн производ или услуга да спомне (или во случајов да нацрта) пенис, или нешто поврзано со секс. А тоа на вакви колаборативни сајтови се случува прилично брзо.
Тоа сепак и не е најлошaта можна судбина на еден ваков проект. Кога на сличен сајт би почнале да цртаат наши луѓе, веројатно многу бргу тоа би се претворило во натпревар, не околу тоа кој ќе придонесе за разубавување на заедничкото, туку кој повеќе ќе го нагрди туѓиот цртеж.