Организаторот на Греми наградите, Националната академија на снимачки уметности и науки, најави значајни промени за 2027 година, вклучувајќи пет нови категории и ревидирани правила за гласање и доделување признанија. Целта е подобро да се препознаат новите музички трендови, различните жанрови и поширокиот круг автори и изведувачи што ја обликуваат современата музичка сцена.
Според извршниот директор, Харви Мејсон Џуниор, промените се резултат на предлози доставени од членовите на Академијата и имаат цел да ја одразат разновидноста и развојот на денешната музичка индустрија. Меѓу новите категории е наградата за најдобра азиска поп-изведба, која ќе ги опфаќа музичките жанрови како К-поп, Џеј-поп и Си-поп (корејски, јапонски и кинески), односно музика создадена или широко прифатена на азиските пазари и изведена на еден или повеќе азиски јазици.
Воведена е и категоријата за најдобра R&B соработка или настап на дуо/група. Поради оваа промена, досегашната категорија „Најдобра R&B изведба“ ќе биде преименувана во „Најдобра соло R&B изведба“.
Греми ќе доделува и награда за најдобра традиционална поп-вокална изведба, наменета за песни и стилови „кои се разликуваат од современиот поп звук“.
Љубителите на фолк музиката ќе добијат нова категорија за најдобар традиционален фолк албум. Поради тоа, досегашната награда за најдобар фолк албум ќе биде преименувана во награда за најдобар современ фолк албум.
Петтата нова категорија е за најдобра латино песна и ќе ги наградува текстописците на нови песни на шпански јазик.
Покрај новите категории, Академијата воведува и нов систем на гласање наречен „Балот плус“. Тој ќе им овозможи на членовите со експертиза во повеќе музички жанрови да гласаат во до 15 категории, наместо според досегашниот модел, според кој тие гласаа во најмногу 10 категории во рамките на нивната област на експертиза (жанровите што најдобро ги познаваат), плус во уште 3 општи категории.
Изменети се и правилата за категоријата „Најдобар нов изведувач“. Уметниците отсега ќе можат да бидат предложени до четири пати, наместо три, со цел подобро да се следи нивниот професионален развој. Промени има и кај албумите што можат да конкурираат за награда. Досега најмалку 75 проценти од содржината на албумот требаше да биде нов материјал, а новото правило ја намалува таа граница на 66 проценти.
Една од најзначајните новини е проширувањето на признанијата за авторите. Во иднина, текстописците и композиторите на новите песни од победничките албуми во повеќето жанровски категории ќе добиваат статуетки и официјални признанија, исто како што досега добиваа продуцентите и тон-инженерите.