Социјалните врски се клучни за нашето здравје, вели Лидија Денворт, авторка на нова книга „Пријателство: еволуција, биологија и неверојатна моќ на фундаменталната животна врска“ (Friendship: The Evolution, Biology, and Extraordinary Power of Life's Fundamental Bond). Во просек, луѓето имаат до четири многу блиски врски, а само мал број луѓе можат да одржуваат повеќе од шест. Овие неколку суштински односи имаат огромно влијание врз нашето здравје, дури и на клеточно ниво - од имуниот до кардиоваскуларниот систем.
Во интервју за НПР авторката објаснува дека малкумина разбираат дека меѓучовечките односи можат да ти го променат здравјето, и на добро, и на лошо. Тие влијаат врз тоа како спиеме, на нашата когнитивна благосостојба. И да, можат да влијаат и врз тоа дали ќе бидеме отпорни на некој вирус или не, и како ќе поминеме низ процесот.
Обично на осаменоста мислиме како на чувство, но само како на чувство. Пријателите ги сметаме за нешто убаво, но работата е всушност многу пофундаментална - постои еволутивен нагон за поврзување, па така другите луѓе стануваат прашање на живот или смрт. И тоа не во смисла на „опстанок на најспособните“, туку на „опстанок на најпријателски настроените“.
Иако во книгата станува збор за човечки пријателства, овој феномен постои и кај други видови животни. Има нешто што личи на пријателство кај делфини, слонови, коњи, зебри, хиени. Па дури и кај рибите, нивните мозоци реагираат на познатите риби поинаку отколку на „туѓинци“. И ова е обратно од досегашниот доминантен став, дека пријателството е производ на човечката култура и јазик.
Исто така доминантно мислење е дека технологијата и социјалните мрежи ги подриваат пријателствата. Но во смисла на одржување врски, особено на далечина, тие играат позитивна улога. Обратното е полошо - кога пријателот е тука, и наместо да комуницираме со него, гледаме во телефонот. Мозокот реагира различно доколку го гледаме истиот човек на екран, а поинаку ако тој е физички присутен. Ама добар пријател си останува таков без оглед дали со него си онлајн или офф-лајн.
Повеќе од технологијата, опасноста во однос на пријателствата е дека често ги земаме здраво за готово. Забавно е, пријатно, но кога сме зафатени или кога ќе влеземе во врска најчесто го прекинуваме интересот за оние кои до вчера сме ги нарекувале „пријатели“. Затоа, здраво е одвреме навреме да се потсетуваме дека пријателствата се нешта на кои треба да се работи, да се посвети време, како онаа од некогашните споменари: „Пријателството е ѕвезда која небото го краси/чувај ја да не се угаси“.