За многумина „Божествената комедија“ на Данте ја формира основата на модерната италијанска литература. Во неа, меѓу другото, е раскажана трагичната приказна на вистинските љубовници Паоло Малатеста и Франческа да Полента, со предупредувачка поента кон оние кои ќе западнат во грев и забранета љубов, и според него ќе завршат во вториот круг на пеколот.
Франческа да Римини или да Полента била ќерка на лорд од Равена и современичка на Данте. Во 1275 ја омажиле за храбриот но физички хендикепиран Џовани Малатеста („Џовани куциот“). Бракот бил заснован врз политички интерес - Гвидо, таткото на Франческа, бил во конфликт со семејството Малатеста, па свадбата требало да означи почеток на примирје. Но кога пристигнала во Римини кај новото семејство, Франческа се заљубила во помладиот брат на Џовани, Паоло. И овој бил женет, но сепак тие десет години одржувале тајна врска. Во еден момент Џовани ги изненадува во спалната на Франческа и ги убива.
Во првиот том на Божествената комедија, Данте и Вергилиј ја среќаваат Франческа и нејзиниот љубовник во вториот круг на пеоколот, кој е резервиран за оние со страст која не може да се задоволи. Тука парот е зафатен од вечен виор, проколнати засекогаш да бидат носени од ветерот, исто како што дозволиле да бидат носени од своите чуства. Данте ја прашува Франческа за нејзината приказна, и толку се трогнува од неа што паѓа во несвест од жал.
По ова појавување на Франческа кај Данте почнале да кружат легенди за овие ликови, при што нејзиниот доживеал голема преобразба во книжевноста и уметноста. Во текот на романтицизмот, кој го отфрлил разумот како доминантен принцип, таа не е веќе грешница која гори во пеколот туку пример на женска иницијативност. Од Чајковски и Рахмањинов до Роден и лорд Бајрон, тие од неа направиле симбол на пред-феминизмот и отпор кон востановените норми на женската сексуалност. И покрај тоа што приказната за овие љубовници сочинувала само 69 стиха од „Божествената комедија“, таа извршила големо влијание, со дури 40 музички адаптации, слики, скулптури и книжевни дела.
Данте ги поставил Паоло и Франческа во пеколот бидејќи тие дозволиле силата на нивните страсти, најживотинската особина, да ја надмине нивната рационалност, точно она што според Данте ги прави луѓе. Но за романтичарите потчинувањето на разумот на страстите била цел на добриот живот. Нивните дела, како на пример „Бакнежот“ на Роден (слика горе), кое датира од 1880-тите, ги прикажува Паоло и Франческа во прегратка, која е толку страсна што била цензурирана, најпрвин на светскиот саем во Чикаго во 1893, а потоа и од град во Англија каде требало да се постави реплика на делото. Во вториот случај стравот бил дека таа би поттикнала неконтролирани чувства кај војниците стационирани таму во текот на Првата светска војна.
Се смета дека „Ромео и Јулија“ на Шекспир е делумно инспирирана од истата приказна, која е мешавина на неколку англиски верзии, односно на англиски преводи на популарни италијански приказни од средината на 16 век. Сепак, директни референци кон делото на Данте кај Шекспир нема, па оттаму не може да се знае дали Франческа и Паоло се всушност Ромео и Јулија.