Почина Карлос Фуентес

На 83 години во Мексико Сити почина легендарниот мексикански романописец, кој заедно со Mаркес и Љоса го сврте вниманието на светот кон латино-американската книжевност и култура.

Неговите дела главно се однесуваат на пропаднатите идеали на мексиканската револуција. Често беше споменуван како кандидат за Нобеловата награда за литература, но никогаш не ја доби. Освен романи пишувал и кратки раскази, есеи, критики, но и политички анализи. Силно се противел на анти-имиграциските политики и начинот на водење војна против тероризмот на САД, а го нарекувал Хуго Чавез „Тропски Мусолини".

Предавал на Харвард, Принстон и Колумбија. Бил и дипломат - амбасадор на Мексико во Велика Британија и Франција. Два пати ја напуштал дипломатската служба, во знак на протест заради студентскиот масакр од 1968, како и заради назначувањето за амбасадор во Шпанија на поранешниот претседател Густаво Диаз Ордаз, кој истите ги наредил.

Најпознати дела му се „Аура", „Тера Ностра" и „Стариот Гринго" - подоцна преточена во филм со Грегори Пек и Џејн Фонда.

Тука пренесуваме негов краток расказ.

МАЛИОТ ИНКВИЗИТОР

Студентот Алонсо е изведен пред Светиот суд во придружба на калуѓер со негувана кожа, кој му соопштил на Инквизиторот дека идеите на младичот не само што се теолошки погрешни, туку се и вистински опасни, бидејќи – ако продрат меѓу народот – би можеле да ја доведат во прашање смислата, па и самото постоење на црковната хиерархија.

Инквизиторот, плашливко човечуле со сомотска кардиналска капа, љубезно го замоли Алонсо да се откаже од своите зборови; му вети дека сè ќе биде заборавено; мојата цел, рече старецот шлапкајки со устата, не е со зборови да ја добијам битката, туку да ги уверам главата и срцето дека мораме мирно да го прифатиме светот онаков каков што е, бидејќи светот во кој живееме е добро устроен и им нуди богата плата на оние што покорно го прифаќаат своето место во него.

Возбудениот Алонсо скокна и вознемирено праша:

‒ Светот во кој нема Бог бидејќи е присвоен од неколкумина и е невидлив за оние кои независно од сè му се обраќаат за милост?

Тогаш Инквизиторот стана, треперејќи како лист, а Алонсо скокна од прозорецот со сини шарки и истрча преку црвените покриви на градот.

Извор: Куцкамен

15 мај 2012 - 21:48