Паван Сухдев, индиски економист кој специјализира во областа на животната средина, смета дека пандемии од актуелниот вид се реакција на природата на нејзината експлоатација, и обид за повторно воспоставување баланс. Во интервју за Дојче Веле, тој вели дека коронавирусот е „инстинктивен одговор“ на нашата планета, начин за таа да се одржи. И не само овој вирус - ова е четврт од големите вирусни напади во последно време (после Sars, H1N1 и MERS), и за сите нив е карактеристично тоа што се пренесуваат од животински системи во човечките. И ова можеби треба нешто да ни каже - дека е време меѓу другото за воспоставување нов економски поредок, кој нема да ги уништува шумите, да ги покрива мочуриштата и да навлегува во светот на дивите животни, правејќи ги дел од нашиот систем на прехрана.
Таа економија на иднината тој ја нарекува „циклична“, таква која во процесот на создавање богатство за луѓето нема истовремено да прави трошоци во смисла на човечки, социјален и природен капитал. Друго име за ова би можела да биде „зелена“ или „балансирана“ економија.
Но ова е на макроекономско, системско ниво. На микроекономско ниво, најзначајниот играч е корпорацијата. Две третини од денешната економија глобално отпаѓа на приватниот сектор. Прашањето е - што може корпорацијата, која е најголемиот мотор на денешната економија, да направи поинаку? Според него повеќето од корпорациите функционираат исто како во 1920 - обидувајќи се скапо да продадат „ѓубре“ користејќи агресивен маркетинг и рекламирање, играјќи на картата на човечките несигурности и претворајќи ги во потреби, потребите во побарувачка, побарувачката во производство, а производството во профит. Корпорациите на 2020 треба да бидат многу поодговорни и да ја потиснат својата алчност. Таа - алчноста - не е нужно лоша работа, бидејќи генерира иновација. Но станува лоша кога се претвора во самообожување и чувство на недопирливост.
И покрај сè, Сухдев е оптимист и смета дека е дојдено времето за човештвото да мине низ својата следна еволуција - интелектуално, емоционално и економски.