Либерија

Оружје за масовна креација

Манфред Збрзезни, германско-италијански ковач кој живее во Либерија, и неговиот тим вешти занаетчии, со години собираат остатоци од оружје од долгата граѓанска војна во оваа земја. И го претвораат во скулптури.

Arms into Art (Оружје претворено во уметност) е проект на Збрзезни и неговите колеги од Fyrkuna Metalworks. Во нивната работилница близу Монровија, главниот град на Либерија, тие експертски сечат, топат и го обликуваат металот наменет за убивање во скулптури и предмети за практична употреба. Ракетните фрлачи и пушките се претвораат во декоративни свеќници, лампи па дури и дрвја од метал.

Збрзезни почнал да работи со остатоци од оружје во 2007, кога му била нарачана ограда за рибен ресторан во Монровија. „Она што било наменето како инструмент за страдање може да стане нешто убаво и корисно", вели Збрзезни, кој живее во Либерија од средината на 2000-та. „Сакам да направам нешто ведро од овие предмети кои се насилни и грозни. Да бидат смешни или слатки, а не убиствени и груби", вели уметникот, кој сега се обидува да ја убеди мисијата на Обединетите нации во Либерија да му ги даде остатоците од оружје за да може да ја продолжи работата.

Либерија, најстарата република во Африка, западна во исцрпувачка војна од 1989, која уништи голем дел од нејзината економија и инфраструктура. Иако војувањето заврши во 2003, со 250,000 погинати и илјадници раселени и исчезнати, лузните се уште се чувствуваат. Овој проект е еден од начините на кој нацијата би можела да ги зацели раните.

18 јуни 2013 - 09:09