Најпозната по континуирано одличните, главно споредни улоги во ТВ серии, Оливија Колман е првата Британка која го добива Оскарот по Кејт Винслет за „Читателот“ од 2008. И тоа на големо туѓо, но и на сопствено изненадување, бидејќи нејзиниот говор беше толку емотивен, скромен и спонтан што беше очигледно дека не го очекувала признанието.
Додуша, не дека нејзиното актерство до сега остануваше незабележано. Дипломка од школата на бристолскиот Олд Вик театар (исто како Даниел Деј-Луис и Џереми Ајронс), таа има добиено три награди БАФТА за улоги во серии (Accused, Broadchurch) како и Златен глобус за одличната The Night Manager (за која пишувавме тука). Мерил Стрип ја нарече „божествено надарена“ откако Колман го играше ликот на нејзината ќерка во „Челичната лејди“.
Во „Омилената“ на Лантимос, таа ја игра кралицата Ана - подзаборавената владетелка од 18 век, која е толку втопена во тага по 17-те нејзини неуспешни бремености или рано починати деца што е постојано на граница на лудило, што сепак е пренесено со толку емпатија што не може а да не ви стане мила. И актерката и кралицата имаат саркастична смисла за хумор, а само за илустрација, една од анегдотите од снимањето вели дека за сцената во која Ема Стоун ја мастурбира, на Колман ѝ текнало да искористат сув сунѓер за таа да не посегне предалеку со раката, и да не наиде на нешто „многу пострашно“.
Во вчерашниот говор при примањето на Оскарот таа меѓу другото спомна дека до моментот додека почнала да добива посериозни улоги морала да работи и како чистачка, а размислувала да заврши и курс за акушерка. Во најтешките моменти по доселувањето во главниот град, таа и нејзиниот сопруг собирале железни парички за да купат еден (1) компир. И ова е доволно иронично за актерка која не само што глумеше кралица во „Омилената“, туку тоа ќе продолжи да го прави и во следната сезона на британската серија The Crown, каде ќе ја игра кралицата Елизабета.
И еве ја, како и покрај изненадувањето ни стана омилена-та.