Од Оскаровци до нискобуџетни комедии, ликот на неодамна починатата кралица Елизабета Втора се има појавено во повеќе од 20 играни филмови (и многу повеќе серии). На сајтот Mashable направиле список од повеќето од нив, меѓу кои и некои прилично бизарни.
„Свадбата на Триша“ (1971)
Таков, бизарен, е всушност и првиот игран филм (барем според IMDb) во кој се појавува нејзиниот фиктивен лик. Станува збор за кратка, 33-минутна комедија во која кралицата ја игра - маж! Дејството се одвива на свадбата на ќерката на американскиот претседател Никсон, Триша. Заплетот почнува кога пејачката (Еарта Кит) става ЛСД во садот со пунч. Останатото и без да го гледаме можеме да го замислиме.
„Од Хонг-Конг со љубов“ (1975)
Насловот асоцира на наслов на Џејмс Бонд филм. Всушност тоа е уште една комедија и прв од неколкуте пати кога Кралицата била играна од француската актерка Угет Фанфрок. Француски агенти се обидуваат да го спасат Нејзиното Височество од од киднапери, но без голем успех.
„Кралицата Конг“ (1976)
Единствената која ја играла кралицата повеќе пати од спомнатата француска актерка е Британката Џенет Чарлс, која и многу личела на неа. „Кралицата Конг“ е комедија-авантура, во која таа се појавува на кратко но успева да го имитира специфичниот поздрав со рака на кралицата и нејзиниот тон кога ја изговара антологиската реченица „не ни беше воопшто забавно“ (we were most certainly not amused).
„Гол пиштол: од полициските досиеа“ (1988)
Повторно Џенет Чарлс, но овој пат во прегратките на Лесли Нилсен, додека тој се обидува да ја спаси од нешто што мисли дека е обид за атентат. Една од најдобрите сцени во филмовите за смешниот детектив.
„БФГ“ (1989)
Кралицата (со глас на Анџела Торн) се појавува при крајот на анимацијата од 1989 на делото на Роалд Дал. Таа ѝ нуди на Софи и на останатите сираци дом во Бакингемската палата и му го доделува дворецот на Големиот пријателски настроен џин.
„Војводата“ (1999)
Како и Фанфрок и Чарлс, Каролин Садовска е уште една актерка која има специјализирано во глумење на кралицата. Во овој случај прилично апсурдната комедија се фокусира на некој војвода кој му го остава наследството на своето куче.
„Нејзиното височество“ (2001)
Девојче со опсесија кон кралското семејство паѓа во транс кога открива дека кралицата (која ја игра Рејчел Волис) ќе го посети нејзиниот град во Нов Зеланд. Иако не се појавува во многу сцени, Нејзиното Височество секако е голем дел од приказната.
„Али Џи индахаус“ (2002)
Во филмот не го гледаме лицето на кралицата, но го слушаме нејзиниот глас кога таа се среќава со Али Џи. Сцената е истоветно антологиска како онаа во „Гол пиштол“.
„Што сака една девојка“ (2003)
Ова е прв од неколку флмови во кои се појавува камео на имитаторката на кралицата, Елизабет Ричард. Исто така, тоа е прв од двата филма во кој Колин Фирт глуми покрај верзија на Нејзиното Височество, овој пат како татко кој посетува американска тинејџерка која е главниот лик во филмот.
„Черчил: холивудски години“ (2004)
И до сега списокот содржеше комични верзии на кралицата, но овој филм достигнува ново ниво. Хитлер се обидува да се ожени со некоја од Виндзор за да добие благородничка титула, а Кристијан Слејтер е мускулеста херојска верзија на Винстон Черчил, кој тоа не го дозволува. Кралицата во една сцена е со митралез...
„Зајак над бездната“ (2006)
Руски филм за човек кој се обидува да убеди барон дека е доволно добар за да се ожени со неговата ќерка. Кралицата ја игра руската актерка Елена Сафонова, а се појавува на крајот на филмот повеќе како камео, јавајќи на коњ во далечината.
„Кралицата“ (2006)
Конечно еден сериозен филм, во кој строгата дама Хелен Мирен го глуми Нејзиното Височество во годините по трагедијата со Дајана. Ова е најуспешниот филм кој директно се однесува на кралското семејство, а ѝ донесе и Оскар на Мирен за најдобра актерка во главна улога.
„Говорот на кралот“ (2010)
Филмот се одвива во годините непосредно пред избувнувањето на Втората светска војна. Во него Елизабета Втора, пред да стане кралица, ја игра Фреја Вилсон. Беше номиниран за осум Оскари во 2011 од кои доби четири.
„Мињони“ (2015)
Кралицата има куп необични камео појавувања во текот на годините, но нејзината борба со мињоните кои се обидуваат да ѝ ја украдат круната е едно од највпечатливите. Гласот го позајмува Џенифер Сондерс.
„Спенсер“ (2021)
По големата популарност на серијата „Круната“, односно на нејзината четврта сезона во која се следеше врската на Дијана со принцот Чарлс од 1980-тите, „Спенсер“ ја обработува истата тема но овој пат фокусирајќи се на Божик со кралското семејство од 1991. Кралицата ја игра Стела Гонет.
Кралицата е портретирана и во бројни телевизиски серии, од Доктор Ху, до наградувани серии како спомнатата „Круната“, во кои ја играат голем број актерки, од Клер Фој, Оливија Колман, до Имелда Стантон.