Шест прозни автори кои се натпреваруваат меѓусебно додека се обидуваат да завршат со пишување на својата книга. Не звучи баш како нешто за што човек би се залепил за телевизор, но сè е во продукцијата, па и од овој навидум банален штоф може да се направи интересна приказна.
Се уште во рана фаза на продукцијата „Следниот голем американски автор“ објави повик за апликации од писатели кои се заинтересирани да се појават во пилот-епизодата. Оној кој ќе има најдобра идеја за книга не само што ќе добие можност да биде вклучен во таа прва и пробна епизода, туку ќе добие и награда од 2500 долари.
Водителот е писателот Кваме Александар, а потенцијалните учесници ќе треба да ја претстават својата идеја во само една минута. Од нив ќе се одберат шест финалисти, кои ќе живеат заедно во текот на едномесечен пишувачки „камп“. Целта е во текот на тие 30 дена да се напише роман „од нула“.
Креаторите на шоуто истовремено ќе бидат ментори на учесниците, и ќе работат со нив на различни вежби кои ќе ја прикажат но и поттикнат нивната вештина, тогаш кога можеби ќе западнат во писателска блокада. Ако пилотот се покаже успешен, првата сезона ќе се фокусра на романи и за млади и за возрасни читатели и на мемоари, но идните сезони се планира да бидат за различни жанрови, од трилери до љубовни.
Издавањето книга особено во престижна издавачка куќа е привилегија која не ја добиваат многумина талентирани автори. Целта на шоуто меѓу другото е да се откријат и промовираат луѓе кои не мора да имаат диплома или претходно објавени дела. „Животот пишува романи“ можеби звучи како излитена фраза, но во случајот со овие автори може да биде и вистина - ова шоу да им го промени животот на подобро.