Вилијам Гибсон неколку пати во кариерата среде пишување бил фатен на препад, од реалноста која е поневеројатна од неговата замислена утопија. На пример по паѓањето на кулите-близначки, или по изборот на Трамп, токму времето кога ја пишувал „Агенција“, неговата најнова книга. Во тие моменти неговата иднина морала да им се прилагоди на рапидните промени во сегашноста.
Неговиот најпознат афоризам е „иднината е веќе тука - само не е еднакво распределена“, и тој важеше и во времето во кое тој замислуваше виртуелни дигитални простори, вештачки интелигенции, корпорации кои стануваат посилни од државите, екстремни телесни модификации, и денес. Гибсон се занимаваше со сите овие нешта кога Чарли Брукер, авторот на „Црно огледало“, беше уште во основно. Оттаму и не е чудно што се уште има репутација на пророк.
Денес има 71 година, активен е на Твитер под @greatdismal. Кога се приклучил на оваа социјална мрежа очекувал да минува по пет минути дневно на неа, што секако не излегло по планот. Но вели дека тоа го прави за да дојде до информации за нови нешта, кои некогаш ги добивал од списанија од целиот свет - одел во книжарница во Ванкувер и трошел и по 300 долари на нив, за да биде во тек со глобалните вести и изуми. Сега вели дека преку Твитер има повеќе информации отколку што може да обработи.
Во новата книга, „Агенција“, која е некој вид продолжение на претходната, „Периферно“, и според планот втора од трилогија, главен лик е Верити, тестер на апликации. Таа работи на таен прототип на вештачка интелигенција, развиена од стартап за гејминг, кој всушност служи како параван за иницијатива на американското министерство за одбрана. Сето ова е помешано со турска инвазија во северна Сирија, руско мешање во истото, и воени дронови кои се опишани како „швајцарски ножиња со големина на R2D2“ (роботчето од Стар ворс). Навидум многу неповрзани нешта, кои можеби ќе станат појасни откако книгата и официјално ќе излезе, на 21 јануари.
Види претходно: Букбокс читанка за „Не верувај на тој особен вкус“, збирка есеи на Гибсон