Нова видео игра за последниот човечки работник на Земјата

Футуристичка сатира, „Последниот работник“ е игра во која треба да замислите што би правеле доколку сте последниот човек кој работи во кошмарна верзија на магацин на Амазон.

„Последниот работник“ е видео игра која се фокусира на нашите предизвици во свет кој е сè поавтоматизиран. Главниот лик е Курт, а во неговиот свет таквата автоматизација има достигнато дистописки размери. Тој е последниот човечки работник во инаку целосно роботизиран „центар за исполнување желби“ на компанија под име Џангл (асоцијација на „Амазон“), онлајн продавач. Неговото работно место подразбира пакување нарачки кои се подготвени за испраќање, а единствената причина зошто тој се уште не е заменет со робот е што нема направено грешка во сите 25 години од својата работа. Тој се гордее со овој факт, но дали би можел да го смени мислењето притиснат од анти-Џангл активисти, кои го убедуваат да ја саботира компанијата од внатре?

Јерг Тител, авторот на играта, ја опишува како „хорор приказна, но не и хорор игра“. Тој верува дека нејзиниот шарм потекнува од тоа што играчите се поттикнати да се смеат на апсурдноста на нашиот хипер-капиталистички свет. „Ќе има моменти на тага и моменти на осаменост, но ние треба и да ги забавуваме луѓето и да направиме тие да се смеат со оглед на тоа колку е тешко да се биде човек во моментов. Не сакам да ги депримирам“.

Критиката вели дека ова е игра која не се плаши да зборува за проблеми во реалниот свет, но сепак не нуди конкретно решение за нивно надминување. Има и VR верзија, која овозможува вистинско сетилно доловување на атмосферата во „Џангл“ и на тоа да се биде последен работник во свет на роботи.    

18 август 2022 - 19:50