„Бев специјалист за задоволување на моите несовладливи апетити и бесрамни страсти", пишува Џонс во книгата. „Ја терав работата до крајни граници, а потоа почнував од таму".
Родена на Јамајка во многу религиозно, пентакостално семејство, младата Грејс била брутално третирана од нејзиниот дедо, кој бил свештеник. Семејството подоцна се преселило во Америка, каде авантуристички настроената девојка можела да експериментира со нападна шминка, облека и за тогашни сфаќања шокантна афро-фризура. Го напуштила домот, работела некое време како Плејбој зајачица и пејачка, пред да биде одбрана од модната агенција Вилхелмина, со која заминала во Париз каде наскоро станала хит на модните писти. Тоа било време кога според зборовите на Грејс „да продадеш црна манекенка во Париз било како да се обидуваш да продадеш стара кола која никој не сака да ја купи". Сепак, таа станала првиот црн модел кој се појавил на насловна на водечко тинејџерско списание, а на пистата ги носела моделите на креатори како Ив Сен Лорaн и Кензо Такада. Цимерки во тоа време и биле Џери Хол и Џесика Ланг, а омилено место за излегување париски хардкор геј клуб:
„Џери беше висока и со свежо лице, имаше долга руса коса, а јас бев темна, сирова, носев топла воена облека и имав многу малку коса. Бевме ептен добар пар - чоколадо и ванила"
Тогаш почнала и нејзината музичка и филмска кариера. Книгата е преполна со анегдоти и приказни кои се однесуваат и на други славни личности: пушење џојнт со Маријан Фејтфул, дружења со Енди Ворхол и Деби Хари кои и организирале забава кога Џоунс била бремена со синот Пауло. Фамозното „не" кое таа му го кажала на Џек Николсон кога по ревија во Париз каде настапиле 12 црни манекенки тој ги канел, една по една, да го посетат во неговиот автомобил. Сепак, според критичарите најубавото поглавје е она во коешто таа не зборува за дрогата, оргиите и шоу бизнисот, туку за враќањето на Јамајка, каде се помирува со сето она што и се случувало во детството.
Жената што ја памтиме не само по нејзината неверојатна става, туку и по откачените спотови и одличните песни - Slave to the rythm, La Vie en rose, Pull up to the bumper - вели дека повеќе би сакала да биде спомен на нешто фантастично отколку да се придружи на забавата онаква каква што е денес, преполна со луѓе кои копираат нешто што се случило пред тие да се родат.
„Биди како Мајли Сајрус. Биди како Ријана. Биди како лејди Гага. Биди како Рита Ора...или како Мадона. Не можам да бидам како нив, освен во тоа дека тие веќе се како мене".