Нов краток филм на Скорсезе снимен под карантин

Повеќето од нас го гледаа „Ирецот“, последниот игран филм на Скорсезе од 2019, дома, на Нетфликс. Ако ова беше вовед во преселба на неговите дела од големиот на помалите екрани, сега тој отиде чекор понатаму - сними филм на мобилен.

Во текот на пандемијата на Би-би-си оди специјална емисија под наслов Lockdown Culture, во која Мери Бирд, професорка од Кембриџ, веројатно најпознатиот жив класичар на светот (ја спомнавме претходно тука) разговара со познати личности од областа на културата и уметноста за тоа како ги минуваат деновите во карантин, или за виталната улога која ја има креативноста во вакви необични времиња.

Токму во ова шоу се случи и премиерата на новиот краток филм на Скросезе, снимен во неговиот дом, на мобилен.

„Веќе подолго време сум во карантин“, вели Скросезе додека на голем екран во неговата канцеларија оди „Погрешниот човек“ на Хичкок. „Работевме толку напорно на различни проекти, и одеднаш сè застана. Најпрвин имаше ден или два во кои чувствував олеснување. Не морав да одам никаде ниту да правам нешто. Но потоа почна вознемиреноста...Не знам уште колку ќе морам да бидам во оваа соба. Не знам кога ќе можеме да почнеме со снимање на овој филм“.

Под „овој филм“ Скорсезе мисли на „Убијците на месечевиот цвет“, 200 милиони долари вреден вестерн кој се одвива во 1920-тите, во Оклахома. Главните улоги треба да ги играат Леонардо ДиКаприо и Роберт де Ниро, кои за прв пат ќе бидат во ист филм на Скорсезе. Продукцијата е на Епл и Парамаунт.

Во видеото Скорсезе се сеќава на разговор со својот ирански колега, Абас Кјаростами. „Бевме на вечера пред неколку години во Лион. Тој ме погледна и рече: Не прави ништо што не сакаш да правиш. Тој знаеше. Тој сфати. Не смееме да зависиме од времето. Затоа што ништо не се знае. На крај тоа време треба да е вредно, дури и за самото постоење. Дури и за човек само да биде жив, да дише, ако може, под овие околности“.

3 јуни 2020 - 17:54