72-годишната Феј Данавеј, славна по нејзините улоги во „Кинески кварт", „Бони и Клајд" или „Трите дена на кондорот", веќе десет години се обидува да го сними својот прв долгометражен филм, посветен на оперската дива. Во 1977 таа цела година ја играла Калас во претставата на Теренс МекНали „Мастер клас" која ја освои наградата Тони, и се идентификувала со нејзиниот лик, на убава и талентирана жена која својот пробив во голема мерка им го должи на врските со моќни мажи во и вон уметничката сцена. Но она што е најважно, според Данавеј, не е тоа што Калас му била љубовница на Аристотел Оназис, туку тоа што извршила промени во една уметничка форма, со што можат да се пофалат многу мал број луѓе. „Калас за операта е исто што и Фелини за филмот", вели таа.
Нејзиниот услов да игра во претставата било да ѝ се овозможи да ги купи правата за текстот. Но продукцијата на филмот уште на почетокот излегла катастрофална. Очигледно да се биде миленичка на новиот Холивуд не е исто со собирање средства и диригирање со филмски тим - од продуценти кои еден наш режисер ги нарече „суштества со морал на амеби", до наоѓање финансии без притоа да се биде врзан за некое одредено студио. Сето ова на Данавеј, која треба да ја игра и главната улога, ѝ одзело повеќе од десет години. А премиерата на филмот е уште далеку.
Нејзината подготовка за режирање пак вклучила создавање на нешто што самата го нарекува „сладок краток филм" - „Жолтата птица" (видеото горе, во два дела) базиран врз драма од Тенеси Вилијамс. Но најмногу од сè таа детално ги проучува омилените филмови и фаќа белешки. „Сум го гледала Зодијак 21 на Дејвид Финчер 21 пат, и секогаш нешто запишувам". Истото важи и за филмовите на Скорсезе и Бергман. А што се однесува до нејзината актерска кариера, таа вели дека со тоа е готово. Барем после овој филм.
Данавеј е позната и по скандалите кои ги има предизвикано со режисерите со кои соработувала - на Роман Полански во текот на правењето на „Кинески кварт" наводно му фрлила мочка во лице, затоа што бил „диктатор". Исто така им се лути и на сите режисери кои не ѝ дозволиле да ја прикаже хумористичната страна од нејзиниот карактер, иако секогаш се трудела да внесе комичен дух во улогите.
Калас ја пее Хабанерата од Кармен во Ковент гарден