- На 25 август (петок) на повеќенаменското игралиште во градскиот парк во Пробиштип ќе се одржи деветтото издание на „Рудар Рок Фест“. Организаторите посочуваат дека и оваа година се обиделе да ги заживеат основните карактеристики на овој рок настан, односно хард рок музиката и промовирањето на нови бендови од македонската рок сцена.
- Ќе настапи младиот хард рок бенд „Преку ред“, кои скоро го издадоа својот прв албум, „Хаос“; прогресив-рок бендот Беседа, победници на последното издание на Лузер фест, како и нашите „Прв ред“, во нивниот препознатлив панк-рок стил. По примерот на ланската година повикан е кавер бенд Ashborn кој ќе отсвири големи хитови од историјата на рок музиката. За љубителите на тешките метал звуци за оваа година тука се амбициозните Мамут. И за крај најискусните, „Ласт експедишн“.
- Поздрав со рударското „среќно“, велат организаторите.
- Еден од најважните автори во современата македонска уметност, Родољуб Анастасов, почина вчера, во Скопје. Фондацијата „Родољуб и Јустина Анастасов“ соопшти дека тој починал во 91. година од својот живот.
- Анастасов беше професор од првата генерација на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ). Тој бил ученик на Лазар Личеноски, Димитар Пандилов и Васил Коџоман, а во 1962 дипломирал на Уметничката академија во Белград. Од 1980 година до пензионирањето беше професор на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во Скопје.
- Во 2011 година, Анастасов му подари на Музејот на Град Скопје збирка од вкупно 389 дела, a Музејот именуваше една од галериите „Јустина и Родољуб Анастасов“, каде што секоја година се отвора поставка со дела од колекцијата и која често и самиот ја посетувал. Последната изложба на Анастасов со нови дела беше во Музејот на Град Скопје, во јули 2023, насловена „Визии – глава полна со луѓе“, со над 200 портрети, насликани во периодот 2016-2022.
- Проектот „Сликите на вкусот“ објавува отворен повик за млади уметници и фотографи на возраст од 18 до 35 години од Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија. Тој не бара само естетски фотографии од храна, туку визуелни приказни за ритуалите: месење леб, одење на пазар, семејни трпезарии и традиционално производство на вино и ракија. Целта е преку објективот да се документираат односите што се градат околу заедничката трпеза.
- Финалните трудови ќе бидат претставени на голема регионална изложба во Скадар, Албанија, во мај 2026, каде што македонските учесници ќе ги изложат своите дела заедно со врсниците од регионот – соопшти Mеѓународниот фестивал на алтернативна фотографија. Локален партнер одговорен за спроведување на проектот во Македонија е Фестивалот за алтернативна фотографија „Зрно“.
- Избраните учесници ќе имаат можност да ги развиваат своите концепти под директно менторство на Сашо Алушевски (Македонија) и Звездан Манчиќ (Србија). Програмата ќе се реализира во април и мај преку хибриден модел на осум работилници, кои вклучуваат работа на терен, индивидуални сесии и онлајн-менторство.
- Повикот е отворен до 10 април 2026. Заинтересираните може да аплицираат со фотосерија, есеј или со архивски материјали или со проектна идеја/концепт, кој допрва би го развивале. Апликацијата треба да содржи кратка биографија, опис на концептот и до 15 фотографии. Предлозите се испраќаат на photofestgrain@gmail.com.