Музичарот кој фотографира заборавени пијана

Дебиси некогаш изјавил дека музиката е „тишина помеѓу нотите“. Но Роман Тиери се обидува таа тишина да не стане заглушувачка. Веќе десет години е во потрага по заборавени клавири покриени со прашина, кои ги минуваат своите последни денови во осама.

Тиери, кој е истовремено и професионален фотограф и пијанист, од 2009 посетува напуштени места на кои би можеле да се најдат исти такви пијана, и ги фотографира. Денес тој живее и работи во Монпеље, на југот на Франција, но својата опсесија со убавата напуштеност ја поврзува со детството во Перигор, на југо-запад на земјата, регион кој тежи од историја и вакви, напуштени места.

Во процесот користел Google Earth за да ги маркира старите а денес осамени аристократски имоти низ Европа. Во нив пијаната им се спротивставуваат на бршлените и другиот плевел, и достоинствено се држат под дебелиот слој урнатини и прашина. Фотографиите се направени главно во замоци и некогашни културни институции, во кои нечие семејство свирело на пијаното, или се организирале концерти и забави.

Серијата се вика „Реквием за пијаната“, а за да ја направи Тиери патувал во Франција, Шпанија, Белгија, Полска, Бугарија и други земји, на места кои не само што се изолирани и тешко достапни, туку дури и опасни.

Има нешто меланхолично во просторите некогаш исполнети со врева, шампањ и музика, кои сега дремат, како само да чекаат некој да засвири, за сè да биде како што било некогаш.

Извор

30 август 2018 - 15:28