Музејот Мегуро на два ката во централно Токио содржи повеќе од 300 видови паразити, со вкупен број 60.000 примероци. Збирката исто така содржи 50.000 статии и над 5000 книги. Првиот кат е посветен на паразити кои живеат на животни, додека вториот се фокусира на видовите кои повеќе сакаат да цицаат живот од луѓе. Примероците вклучуваат нематоди (поубаво име за цевчести или кружни црви), трематоди (метили или сплескани црви) и паразити кои предизвикуваат маларија.
Сепак, главната атракција е најдолгиот паразитски црв на светот oд видот Diphyllobothrium nihonkaiense, долг цели 8.8 метри, придружен со јаже со истата должина со кое посетителите можат да си поиграат за да добијат чувство за вистинските димензии на ова суштество. Тоа предизвикува дифилоботријаза кај луѓето преку јадење сирова или незготвена риба.
За да додаде малку хумор на целата работа, малата продавница во склоп на музејот нуди маици со смешни натписи, привезоци за клучеви и роденденски картички на тема паразити.
Посетителите сепак се предупредени пред влезот дека некои од изложените фотографии и артефакти можат да бидат вознемирувачки или просто грозни. Музејот е основан во 1953 од д-р Сатору Камегаи, и е единствен од ваков вид во светот.