Еднаш во друштво се разви жестока дискусија околу тоа дали креацијата зависи од удобните околности во кои живее поединецот - мнозинството тврдеше дека колку е тој побезгрижен околу основните егзистенцијални потреби, здравјето и семејството, толку е поголема шансата дека ќе создаде нешто вредно. Сите кои мислеа спротивно беа прогласени за несочувствителни со страдањата на сиромашните и напатените креативци. Па еве уште еден во тој табор. Инспирацијата е за аматери, како да вели Буковски во оваа песна, а поривот да се создава е поголем од која и да е климатска, социјална или семејна ситуација. Сето останато се изговори.
ВОЗДУХ И СВЕТЛИНА И ВРЕМЕ И ПРОСТОР
„ - знаете, имав семејство, работа
секогаш нешто се испречуваше на патот
но сега
ја продадов куќаа, го најдов ова место
големо студио, да можете да го видите просторот и светлината.
за прв пат во животот ќе имам место и време да создавам".
не бејби, ако сакаш да создаваш
ќе го правиш тоа без оглед
дали работиш 16 часа дневно во рудник за јаглен
или
ќе создаваш и во мала соба со 3 деца
додека си на социјална помош,
ќе создаваш со расеан ум и тело,
ќе создаваш и слеп, и сакат и сенилен
ќе создаваш дур една мачка ти се качува по грбот
додека целиот град се тресе
при земјотрес, бомбардирање,
поплава или пожар.
бејби, воздухот и светлината
и времето и просторот
немаат никаква врска со тоа
и не создаваат ништо друго
освен можеби подолг живот
за пронаоѓање нови изговори.
Чарлс Буковски
Адаптација на песната во стрип од страна на Zen Pencils
Извор: Брејнпикингс