„Хотелски хорори и пороците на главната улица", „Сонот на Џон Фанте за Банкер Хил", „Кај што беа дешаванките: рок историја", „Духот на валканиот старец: Л.А. на Буковски" се само некои од опциите за оние кои се по алтернативен туризам. Претставувањето на последнава почнува со следниве зборови: „Турата се фокусира на трите големи страсти на Буковски: пишувањето, сексот и Лос Анџелес. Ќе ги посетиме канонските локации на неговиот живот и мит, поштенскиот терминал каде го собирал материјалот за „Пошта", апартманот Де Лонгпре каде на кратко експериментирал со бракот и татковството, еден од неговите омилени барови и продавниците за алкохол каде често навраќал. На паркинг пред една од нив ќе ве почастиме со крофни".
Една друга тура ни ги насолзи очите - „Л.А. на Том Вејтс", која води од „Трубадур", легендарниот ноќен клуб основан 1957., каде својата кариера ја почнале Џони Мичел, Елтон Џон, Ван Морисон, и во кој се забавувале цели генерации американски фолкери, рокери и хеви металци, скапаниот мотел Тропикана, каде Вејтс живеел во седумдесетите додека настапувал во околните клубови, Скид роу (најсиромашниот дел од ЛА, опеана во "On the Nicle"), до студиото каде Копола го сними „One from the Heart", а Вејтс ја запозна својата муза Кетлин. Тоа ви е отприлика како во Скопје да имате тура која не ве носи од Триумфалната до Скендербег, туку од Јоле до Жабарот, од „Коцка" до „Школка", од Дом на млади до „Лајка". Автобусот притоа не мора да биде ни нов, ни двокатен.