За неа пишувавме во 2015, кога излезе нејзиниот мемоар, во кого Микела Де Принс зборуваше за тешкото детство обележано со воени насилства во родната Сиера Леоне, како била посвоена од семејство од Њу Џерси, и како почнала напорно да работи на остварувањето на својот сон - да стане балерина. Тоа ѝ успеало, и покрај тоа што нејзините родители биле предупредени дека во балетскиот свет расизмот е чест, а црните танчарки реткост.
Неодамна, славната Мадона објави дека ќе режира биографски филм за Микела, која денес е соло изведувач во Холандскиот национален балет, зад себе има еден документарец, учество во спотот на Бијонсе за „Лемонејд“, како и настапи во САД и Јужна Африка.
„Животниот пат на Микела длабоко ме погоди и како уметник и како активист кој ги разбира предизвиците со кои може да се соочи секој талентиран млад човек. Но преку Микела имаме посебна можност да фрлиме светлина на Сиера Леоне, а таа да биде глас на сите деца останати без родители. Чест ми е што ќе имам шанса да ја овековечам нејзината приказна“, изјавила Мадона.
Самата Мадона има посвоено четири деца од Малави, а во 2008 продуцираше и беше наратор на документарец за сирачињата од оваа земја заболени од сида, под наслов „Јас сум затоа што ние сме“.