Фото-приказни за оние од воените зони

„Луѓето од Њујорк" во нови контексти

Пред некое време пишувавме за Брендон Стентон и неговите фото-портрети на жителите на Големото јаболко, кои придружени со кратки приказни за нивниот живот привлекоа огромно внимание. Сега тој почнува нов проект, со слична содржина, но во области погодени од војна и сиромаштија. 

Под покровителство на Обединетите нации Стентон ќе направи 50-дневна тура, која опфаќа воени жаришта и опасни зони. Во моментов тој е во Ербил, Ирак, а следни се бегалски камп во Јордан, Демократската Република Конго, Украина, Хаити и Јужен Судан. Целта е да се прикаже поинаква слика од онаа која секојдневно ја сервираат повеќето медиуми, фокусирајќи се на политичката и воената страна на приказната. Оваа фото-репортажа би требало да ја прикаже онаа човечката.

Иако некои фотографски експерти велат дека ваквите кратки престои и овој вид фотографии не можат да ја прикажат сета сложеност и историска позадина на конфликтите, други сметаат дека со оглед на бројноста на следбениците на Стентон ова е добар начин да се разбијат некои стереотипи за споменатите контексти. Еден од коментарите под фотографиите од Блискиот Исток, на пример, бил дека „луѓето таму се како нас", а друг пак изразувал изненадување што таму има трговски центри наместо само села со шатори среде прашина.

Овој фото-проект е средство за промоција на Милениумските развојни цели на ОН, кои се фокусираат на намалување на сиромаштијата, заштита на околината и промоција на мирот. Директорката на кампањата, Корин Вудс, изјавила дека Брендон не само што е фотограф, туку е и раскажувач на приказни, а истовремено е и феномен на социјалните мрежи. Токму оваа комбинација ним им изгледала како одлична за задачата која ја имале на ум. Самиот Стентон пак вели дека овој проект ќе му помогне во проширувањето на неговата свест за спектарот на човечкото искуство. „Длабочината и обемот на трагедијата низ која минуваат луѓето, а сепак живеат и се смеат, е навистина шокантна", вели тој.

21 август 2014 - 15:50