Лимеранца е романтична привлечност кон друга личност која вклучува опсесивни мисли, фантазии и желба да се формира или да се одржува романтичен однос. Тоа е неволна но сеопфатна состојба на романтична желба која се фиксира на „лимерентот“ - потенцијалниот партнер, а чие неисполнување може да доведе до вознемиреност и депресија. Особено е опасна заслепеноста за незаинтересираноста на другата страна, доколку таа е дискретна во сигнализирање на одбивањето. Тоа остава простор за поинакво толкување, затоа што заљубениот има тенденција да фабрикува или да измислува „разумни“ објаснувања според кои неутрални, па дури и негативни дејства се всушност знак за скриена страст.
Изразот го осмислила психологот Дороти Тенов која го креирала во својата книга од 1979, „Љубов и лимеранца: искуството на заљубеност“. Истата ја напишала по интервјуа со повеќе од 500 луѓе на тема љубов.
Лимерентното чувство е дел од нашиот невропсихолошки софтвер на кој се потпираме при формирање парови. Откако еднаш парот ќе се формира, би требало да се покрене поинаква „програма“, односно позрела љубов која е наменета за одржување на врската. Кажано поинаку, лимеранцата може да биде супер чувство на почетокот на врската кое помага да се заљубите во личност со која подоцна можете да остварите силна врска. Но таа може и негативно да влијае врз секојдневниот живот. Во случаи со тешка опсесија со друг човек, луѓето можат да занемарат значајни области од својот живот, а и да ги отуѓат објектите на својата желба инсистирајќи на нивното внимание.
Ова кратко видео во продукција на Би-би-си го објаснува феноменот и начинот на којшто човек може да си помогне ако се препознае во описот на лимерантниот профил.