„Порги и Бес“ најпрвин бил роман од 1925, па Бродвејска претстава, за потоа Џорџ Гершвин да ја преработи во една од првите американски опери. Книгата била напишана од Дубоа Хејвард, успешен писател од старo јужнокаролинско семејство чии членови вклучувале и потписник на Декларацијата на независност. Toj и неговата сопруга, Дороти, го преточиле романот во драма, чија бродвејска премиера се одржала во 1927.
Во меѓувреме, приказната му го привлекла вниманието на Џoрџ Гершвин, син на руски и литвански еврејски имигранти, кој веќе бил познат по своите оркестарски дела како „Рапсодија во сино“ од 1924 и неколку мјузикли. Заедно со својот брат Ајра, тој го поминал летото 1934 во прилагодување на книгата и драмата за опера, но и во запознавање на културата на крајбрежната африканско-американска заедница од Јужна Каролина. Од сето ова произлегла „фолк операта“ за црниот питач Порги и неговата љубов, Бес.
Приказната почнува летно време во Кетфиш Роу во Чарлстон, Јужна Каролина. Пoрги (чие име инаку означува вид риба) има хендикеп, едвај се движи, а во неговото портретирање веројатно е присутен и ликот на авторот Дубоа, кој како тинејџер прележал полио што доживотно влијаело врз подвижноста на неговата десна рака. Порги е заљубен во Бес, која пак се мува со Краун, насилен работник на пристаништето, а е под постојана закана на измамникот и дилер Спортин Лајф.
Гершвин инсистирал сите улоги да ги играат црни актери. Тоа е единствената опера во која, кога се изведува во операта Метрополитен, не пее стандардниот хор на операта, туку посебна група црни пејачи.
Аријата „Самертајм“ се појавува на почетокот на „Порги и Бес“, како приспивна песна која ја пее жената на еден рибар, Клара. Потоа се појавува уште неколку пати, а во третиот чин ја пее Бес, на истото бебе кое во меѓувреме останува сираче, откако и мајка му и татко му умираат во бура. Mузиката е базирана на народната All My Trials, исто така многу пати преработувана, особено во контекст на протестните движења од 1960-тите.
„Самертајм“ прв пат се појавува на топ листите во САД во 1936, кога е снимена од Били Холидеј. Од тогаш е преработувана од стотици изведувачи, и во сите можни стилови, од блуз до ска панк.
Нашиот избор, за испраќање на летото: