Големата инсталација на отворено ги пречекува пациентите на влезот на медицинската установа Сидра во Доха. Под наслов „Чудесно патување“, таа прикажува фетус кој расте во матката и кулминира со 14-метарско новороденче.
Скулптурите биле најпрвин промовирани во октомври 2013, но потоа скриени од јавноста, заради остри реакции на социјалните мрежи и во медиумите. Како официјална причина сепак беше наведено тоа дека тие биле покриени како заштита од градежните работи на болницата.
Авторот, контроверзниот Дејмиен Хрст, уште тогаш, пред пет години, изјави дека очекува реакции, со оглед на тоа што станува збор за прва „гола“ скулптура на Блискиот исток. Сепак, таа на крај е поставена со образложение дека ја отсликува мисијата на болницата, а тоа е да се грижи за здравјето на жените и на бебињата.
Ова е само едно од 65-те дела нарачани од оваа институција, чии автори се познати меѓународни имиња, како и локални уметници. Енергетски богатиот Катар станува еден од главните купувачи на современа уметност, сакајќи да се портретира како најпрогресивна држава во регионот.