Кој бил Зовек, откачениот лик во „Рома“ на Куарон?

Откако неодамна доби два Златни глобуса, за најдобар режисер и најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, „Рома“ изгледа како сериозен кандидат и за Оскар. Еден од освртите се занимава со навидум спореден лик во него, кој излезе дека бил реална личност.

„Рома“ е убав филм, кинематографски смирен, меланхоличен, црнобел но со многу нијансирани психолошки пејзажи и ликови. За оние кои го познаваат Мексико и реалниот контекст, тој е и елегија за еден исчезнат свет - од изгледот на улиците до референците на филмовите од младоста на Куарон. Но според Валчр, еден од највпечатливите примери на длабоко запретаната културна меморија во филмот е присуството на човек кој им е познат на постарата генерација Мексиканци, иако сигурно немаат слушнато за него долго време. При крајот на 1960-тите бил ѕвезда, за потоа мистериозно да загине.

Станува збор за професор Зовек, кој во „Рома“ се појавува два пати, а го игра професионалниот борач со прекар Латинo љубовник. Најпрвин го гледаме на ТВ поставен во ресторан, како тегне мал автомобил користејќи само каиш ставен во забите, дел од негов настап на шоу насловено „Секогаш во недела“. Вториот пат е повпечатлив, кога ненајавен се појавува во камп за обука на десничарска парамилитантна група и држи лекција за моќта на умот над телото.

Дека ваков човек постоел е сигурно, иако денес тешко може да се дојде до информации за него дури и на шпански. Фантастично надарен магионичар, го нарекувале „мексиканскиот Худини“, но подеднакво го бивало и за боречки вештини и натчовечки подвизи како оној со автомобилот. Сепак кариерата му била прекратка, од 1968 до мистериозната смрт во 1972. Оставил два опскурни филма кои денес се водат под жанрот „мексплоатациска акција-фантазија“ (мексплоатација - експлоатирање на стереотипи поврзани со Мексико и особено со тамошните мажи), „Синиот демон и Зовек при инвазијата на мртвите“ и „Неверојатниот професор Зовек“.

Еден единствен текст објавен во весникот Ла Џорнада во 1998 се обидува да го реконструира неговиот живот. Бил роден во 1940, како болникаво дете кое не можело да оди заради полио. Бил опседнат со митолошки приказни особено со оние за Херкул и Самсон. Наводно имал вујко кој на него пробувал секакви лекови, до момент кога овој проодел. Сите го прогласиле настанот за чудо, само малиот Зовек рекол: „Какво чудо? Ова се случи заради мојата волја“.

Почнал да тренира боречки вештини и веќе на 18 години бил доволно силен за да настапува со влечење коли и камиони со јаже во забите. Во 1966 почнал да го користи името Агент Икс-1, а подоцна се нарекол Зовек. Неговата ТВ популарност растела, а еднаш наводно го срушил светскиот рекорд со тоа што направил 8350 клекнувања за време под пет часа на спомнатото шоу. Во 1969 огромен број луѓе присуствувале на неговото магично ослободување од „лудачка кошула“.

Во тоа време имало само еден ТВ канал - Телевиса - а властите барале токму таков лик како Зовек, кој би бил забавен и тотално нереволуционерен. За жал не успеал да ужива долго во стекнатата слава. На 10 март 1972 требало да биде спуштен со хеликоптер за настап во живо во град во централно Мексико. Но само што почнал да се симнува по скалите од јаже, пилотот почнал да го качува хеликоптерот и да врти. Зовек паднал и се сплескал на земја. Наскоро починал во болницата.

Подоцна излегле гласини дека властите сепак го имале на око сметајќи дека обучува десно ориентирани парамилитанти, нешто што Куарон во филмот го претставува како факт. Тоа што го вклучил во „Рома“ како реакционарен оперативец за Мексиканците е токму таков знак, дека теоријата за неговото убиство од „горе“ е точна. Или можеби режисерот има друга идеја, да покаже дека суперхероите не се никогаш ослободени од идеологија, и од манипулација од страна на оние кои таа идеологија ја дефинираат и промовираат.

8 јануари 2019 - 18:19