Од кога не сте свртиле?

Koга вртевме 95 за да го чуеме точното време

Детската фасцинација од тоа да свртиш телефон и да чуеш глас од другата страна постои и денес, но целата постапка сега е толку олеснета, а мобилните толку достапни, што возбудата бргу спласнува. Во „наше време" беше поинаку.

„На следниот тон ќе биде точно 9 часот, 13 минути и 10 секунди".

Авторитетниот глас на тетката (кој личеше, или можеби и беше на Бранка Станковска) не оставаше простор за сомневање. И да ви кажеше дека е девет навечер среде бел ден ќе му поверувавте. И тоа беше единствениот телефонски број на којшто јавувањето беше „безбедно", не повлекуваше трошок и возбудливи но сепак стресни ситуации со повикување непознати броеви.

Ваквата појава е изгледа универзална за сите земји и времиња кога прв пат станала достапна ваква услуга. Како што пишува Атлантик, трасирајќи ја историјата на „точното време" во САД, во 19-тиот век големите железнички компании користеле телеграф за да им го „наштелуваат“ времето на железничките станици. До раниот 20 век, луѓето едноставно можеле да свртат телефон и да го слушнат најавен со човечки глас.

 

 

(стрипчиња од дневни весници, 1970 и 1972)

Хантингтон Хералд во 1906 известил дека „Часовник на Вестерн Јунион, кој се проверува електронски секој ден на пладне, е инсталиран во канцеларијата на телефонската компанија, на видливо место за операторите". Во текот на Првата светска војна голем број градови го прекинале сервисот за да заштедат на луѓе и на...време..., но подоцна повторно го активирале. Во 1958 Њујорк Тајмс известил дека локалниот сервис добива околу 90,000 повици дневно. Таа бројка до седумдесетите пораснала на стотици илјади.

Притоа имало неколку препознатливи гласови, како оној на г-ѓа Мери Мур од Атланта, домаќинка со три деца, или на Џејн Барб (видеото погоре), која го позајмувала гласот и на реклами и на радио информации за температурата на воздухот. Нејзиниот глас најавувајќи го точното време не бил снимен на лента туку на големи цилиндрични „тапани" кои ротираат со постојана брзина и се синхронизирани така за оние кои се јавуваат да слушнат непрекината порака.

Но и денес со сета расположива технологија повици кон ваквите сервиси се уште има. Желбата да се знае времето е длабоко културно врежана, иако има и биолошка компонентна. За оние на кои после текстов им дојде желба да свртат, бројот 95 одамна да ти бил заменет со 185. Свртевме и нè дочека изненадување - истиот глас што го слушавме во детството. И секогаш во точно време. Ни дојде некако убаво на душата, дека во космосот сепак има некаков ред.

28 јуни 2016 - 09:59